Следува период на брз раст и развој на вашето малечко. Од оваа до 20. недела (средината на бременоста) вашето бебе ќе ја зголеми тежината 30 пати, а должината 3 пати. Околу 11. недела ќе забележите неколку промени кај вас, како што се зголемување на вагиналниот исцедок и појава на кафена вертикалната линија во должина на стомакот (linea negra) која по породувањето исчезнува. Остана уште една недела до крајот на првиот триместар, а хормоните поврзани со бременоста сè уште делуваат на вашето расположение и ги предизвикуваат утринските и дневни мачнини. И во оваа недела дозволете си одмор, посветете време само за себе бидејќи подоцна слободното време ќе биде она што најмногу ќе ви недостига.
Од 11. до 14. гестациска недела се прави првиот ултразвучен скрининг со кој се одредува ризикот на плодот од хромозомски аномалии. При тој преглед освен што се следи основната анатомија на бебето, се детектира и нухалната транслуценца – мала количина на течност под кожата зад вратот на бебето. Докажано е дека зголемена нухална транслуценца (над 2,5мм) е поврзана со зголемен ризик од Даунов синдром. Наведената промена најчесто природно исчезнува по 14та недела и доколку овој преглед се пропушти, се пропушта податок за можно постоење на хромозомска болест, која нажалост е неизлечива и е причина за навремен прекин на бременоста. Освен нухалната транслуценца се следат и носната коска, аголот на лицето на бебето, протокот низ одредени крвни садови на плодот.
Вашето бебе е со големина на лајм (зелен лимон)
Должината на фетусот изнесува 40 мм и тежи околу 7 грама. Соодносот на големината на главата со телото е речиси 1:1.
Бебе во 11. недела
- Иако неможете да почувствувате, вашето бебе прави движења во матката
- Кожата е многу тенка и проѕирна
- Прстите на рацете и нозете се одвоени
- Се формираат забните корени, фоликулите на косата и корените на ноктите
Симптоми што најчесто се присутни оваа недела
Замор и мачнини. Не грижете, наскоро ќе се намали нивниот интензитет.
Гасови. Забавената работа на варењето на храната поради хормонот прогестерон доведува до гасови
Промени во расположение.
Грчеви во нозете. Може да се појават навечер и да предизвикаат проблеми со спиење.
Темнокафената вертикална линија на стомакот почнува да станува видлива. Позната е како linea negra и е сосем нормална во бременост.
Советуваме
Закажете го ултразвучниот скрининг кај вашиот гинеколог.
Наскоро почнува вториот триместар. Ќе се намалат мачнините и заморот, па ќе бидете расположени и со повеќе енергија. Направете план каде би сакале да се одморите со вашиот партнер.
Прочитајте зошто е важно да бидете активни во бременоста.