fbpx

Уште пред да се роди бебето, телото на мајката се подготвува за создавање млеко. Кожата над градата станува поеластична, а брадавките  и ареолата потемни. Во пределот на ареолата се развиваат масни жлезди кои лачат масни материи заради заштита од инфекција, а воедно и даваат мекост. Затоа не е потребно користење средства за дезинфекција. 

Доволно е само миење со чиста вода еднаш на ден за да не се уништи овој заштитен слој. Во текот на бременоста градите го зголемуваат својот обем, поради развојот на жлезденото ткиво кое е одговорно за создавање млеко.

Хормоните во текот на бременоста ги стимулираат жлездите да лачат млеко. Целиот процес почнува во мозокот каде што се лачат два специјални хормони, и тоа пролактин (одговорен за создавање на млекото) и окситоцин (одговорен за лачење на млекото од градата). Тие најмногу се создаваат во последниот месец на бременоста и за време на породувањето. Пролактинот го стимулира создавањето млеко во жлездите на грдата, а тоа се собира во проширувањето на каналчињата, каде што се задржува сè додека бебето не почне да цица. Тогаш стимулацијата на брадавицата доведува до ослободување на окситоцин, кој ги отвора каналите и дозволува потекување на млекото. На почетокот на доењето се ослободува млекото складирано во каналите, кое е сиромашно со масти, но богато со протеини, лактоза и други хранливи материи со што се задоволуваат енергетските потреби.

Контактот мајка-бебе и ослободувањето на окситоцинот се вика „окситоцински рефлекс“. Тој е многу важен за обезбедување на нормалниот процес  на доење. Самодовербата, позитивните емоции на мајката кон бебето, контактот со бебето делуваат стимулативно врз развојот на овој рефлекс. Глад, грижа, стрес, болка, колебање го инхибираат. Благодарение на овој рефлекс, често на самата помисла на бебето или неговиот плач кај мајката потекува млеко од градата. Додека бебето цица од едната града, често и од другата тече млеко.

Добро е да знаете:

- Големината на градите не влијае врз процесот на доење. Независно дали мајката има мали или големи гради, таа може да го дои своето бебе. Големината на градата е одредена од присуството на масното ткиво, а не од жлезденото ткиво. Во текот на бременоста и доењето градите се зголемуваат, но по прекинувањето на доењето тие се враќаат во првобитната состојба. Може да бидат помеки што се должи на самата бременост додека доењето не влијае врз омекнувањето на градите.

- За време на доењето телото ги користи нутритивните елементи неопходни за производство на млеко од телото на мајката. Тоа значи дека иако нутритивното внесување на мајката не е квалитетно, сепак, мајчиното млеко ќе ги содржи сите нутритивни вредности неопходни за бебето, но за сметка на здравјето на мајката. За да го зачува мајката своето здравје, потребна е нејзина правилна исхрана.