fbpx

Мајчиното млеко претставува најздрава, природна и органскa храна. Идеалниот  сооднос на основните хранливи материи и присуството на бројните антиинфективни фактори го прават мајчиното млеко уникатна и незаменлива храна, максимално приспособена на физиолошките и нутритивните потреби на новороденчето и доенчето. Всушност, опстанокот на човековиот вид  во текот на милиони години е несомнен доказ за ова тврдење. 

Во последниве децении направените бројни и опсежни испитувања со примена на модерни епидемиолошки методи и лабораториски техники недвојбено го потврдуваат вековното и традиционално пренесувано сознание за користа од мајчиното млеко и предностите на природната исхрана.

Предности на исхраната со мајчино млеко за новороденчето 

Со истражувањата направени во развиените земји и земјите во развој добиени се силно поткрепени докази кои укажуваат на уникатниот состав, како и на заштитната улога на мајчиното млеко од бројни заболувања во новороденечката, доенечката, дури и во адолесцентната возраст. Докажан е повеќекратно намален ризик од инфективни заболувања, како дијареа, респираторни инфекции, воспаление на ушите, инфекции на мочните патишта, бактериемија, бактериски менингит, некротизирачки ентероколит – заболување специфично за недоносените новороденчиња. Некои истражувања, напоменувајќи дека се потребни дополнителни студии,  укажуваат на намалена стапка на СИДС или синдром на изненадна доенечка смрт, намалена зачестеност на инсулин зависен дијабет (тип 1 и 2), лимфом, леукемија, обезитас или дебелина, хиперхолестеринемија и  астма кај доените деца. Доењето се поврзува и со подобар успех кај тестовите за когнитивен развој. Поновите истражувања го истражуваат и потенцираат далекусежниот позитивен ефект и значењето на меѓусебната блиска психолошка врска која се создава кај парот мајка – новороденче.

Предности од доењето врз здравјето на мајката

Покрај докажаните краткорочни и долгорочни бенефити за здравјето на новороденчињата, науката ги потенцира и бројните корисни ефекти од доењето и врз здравјето на мајките. Намалено крвавење веднаш по раѓањето, побрза инволуција на матката, побрзо враќање на телесната тежина, намален ризик од карцином на дојка, на јајчници, намален ризик од остеопороза во подоцнежната возраст, односно во постменопаузата. 

Предности за фамилијата, пошироката општествена заедница и околината

Како најекономична, евтина храна, доењето е корисно и за фамилијата. На глобално ниво доењето е есенцијално и во решавање на проблемот со глад во светот.  Поздравата популација води кон намалени трошоци за здравствена заштита, од што корист има и пошироката општествена заедница. Мајчиното млеко не продуцира отпадоци (лименки, кутии..), корисно е и за околината.

Придобивки на мајчиното млеко

- Мајчиното млеко е најдобрата исхрана за бебето од причина што многу полесно се вари, секогаш е свежо, чисто и со соодветна температура за да може да му се даде на бебето

- Кај овие бебиња многу поретко се појавуваат исипи, грчеви и запек

- Бебињата кои се хранат само со мајчино млеко бараат почести подои на пократки интервали. Токму затоа бебињата кои се дојат подобро напреднуваат и добиваат во телесна тежина

- Појавата на алергиски реакции кај бебињата кои се хранат со мајчино млеко е занемарлива 

- Бебињата кои се дојат примаат антитела од мајката кои го зајакнуваат нивниот имунитет и стануваат поотпорни на инфекции

Првото доење, доколку здравствената состојба на мајката дозволува, треба да биде во првите триесет минути по породувањето.