Од голема важност за сите идни мајки е редовно да ги следат промените во бременоста. Дел од симптомите кои се јавуваат за време на бременоста се нормални и се карактеристични за сите бремености, но дел од нив можат да бидат сериозни предупредувања. За секој симптом во бременоста кој за вас е нов и мислите дека е невообичаен или ви предизвикува чувство на страв, поразговарајте со вашиот гинеколог. Имајте на ум дека следниве симптоми бараат брза реакција и консултација со доктор:
Крвавење
Чест симптом и проблем во бременост е крвавење од матката. Истото предизвикува најголем психолошки страв и паника кај трудниците. Доколку имате позитивен тест за бременост и сè уште не сте ја потврдиле бременоста со ултразвук, а се јавило крвавење, со јаки болки во стомакот или грчеви, или имате чувство дека ќе изгубите свест, веднаш треба да посетите лекар. Докторот со ултразвук ќе ја утврди локацијата на бременоста. Вакви симптоми може да има вонматерична бременост. Таа се јавува кога гестациската вреќичка ќе се имплантира надвор од матката (јајцевод, јајчник, стомачната празнина) и може да биде опасна по живот. Исто така, секое крвавење во рана бременост кое се јавува по дијагностицирана бременост во матката заслужува преглед. Крвавењето може да биде само мало, кафеаво пребојување кое најчесто се смирува по ординирана терапија од лекар и со мирување. Но, за жал, крвавење во овој период од бременоста може да биде и знак за заканувачки или спонтан абортус. Ова крвавење е обично пообилно и особено следено со болки во долниот дел на стомакот и грчеви слични на менструални грчеви, како и болки во ’рбетот. Поинтензивните крвавења кои одат заедно со грчеви може да се знак и за спонтан абортус во првото или второто тромесечје од бременоста. Ако, пак, крвавењето се јавува во третото тромесечје, може да биде знак за заканувачко предвремено породување доколку истото е пред терминот и е следено со контракции. Исто така, причина за крвавење може да биде и ниско всадена плацента или плацента која го препокрива внатрешното устие на грлото на матката (placenta praevia). Kрвавењето во овој период може да биде причинето и поради предвремено одлепување на дел или на цела плацента од матката (abruptio placentae). Секое крвавење за време на бременоста е сериозен проблем за кој мора веднаш да се видите со вашиот гинеколог.
Уринарни инфекции
Вообичаено е во текот на бременоста, посебно во првиот триместар и кон крајот на третиот, потребата и фреквенцијата на мокрење да е позачестена. Во првиот триместар матката сè уште се наоѓа во малата карлица, но е зголемена од бременост и директно притиска на мочниот меур. Додека во третиот триместар, предлежечкиот дел на фетусот, веќе навлегува во малата карлица и повторно притиска на мочниот меур. Но, доколку ова зачестено мокрење е проследено со болки, печење, или чувство на мокрење со неможност за мокрење или само мала количина, потоа непријатен мирис на урината, болки во слабините и температура, треба да се упатите на лекар. Воспалението на мочниот меур и/или бубрезите во бременоста неопходно е да се третира со терапија препишана од лекар, бидејќи истите можат да доведат и до компликации во бременоста, предвремени контракции, прскање на воденик и предвремено породување како резултат на инфекција.
Интензивно гадење и повраќање
Мачнините во текот на денот, нагоните за повраќање и повраќањето се чести симптоми кај секоја трудница. Најмногу се изразени во текот на првиот триместар, и вообичаено по овој период се губат. Кај помал број трудници овие симптоми може да перзистира- ат и понатаму. Хиперемезта во бременост најчесто не влијае на растот и развојот на фетусот, но ако континуирано повраќате, по секоја консумација на течност и храна тогаш може да биде сериозен проблем кој може да доведе до дехидратација и малнутриција. Прегладнетоста и дехидрираноста можат да му наштетат на вашето бебе. Понекогаш треба да се направат и дополнителни испитувања за да се утврди дали повраќањето е предизвикано од самата бременост, или можеби има и друга причина. Ако имате чести гадења и повраќања информирајте го вашиот гинеколог кој може да ви даде совети за промена на режимот на исхрана или да ви препише одредени лекарства.
Активноста кај бебето се намалува
Прворотките движењата на фетусот ги забележуваат околу 18-20 гестациска недела, додека повеќеротките и порано. И кај една иста трудница во различни бремености секое бебе може да биде различно активно. Уредната активност на бебето во стомакот на мајката, е знак дека бебето е во добра 59 кондиција, и дека има соодветен проток на крв од плацентата преку папченикот, а со тоа и кислород и хранливи материи. Една од промените кои може да се случат за време на бременоста е опаѓање на нивото на активност на вашето бебе. Кога се ближи терминот за породување бебето е веќе поголемо и има помалку простор да се движи во матката. Може да се случи на претходниот преглед да сте имале повеќе енергија, па бебето било повеќе активно, но може да станува збор и за проблем. Во моментите кога ќе почувствувате дека вашето бебе не реагира, легнете на лев бок, на - пијте се ладна вода или сок, или касне - те нешто благо. Не постои мерило за тоа колку треба да е активно бебето, но генерално се - која мајка знае колку вообичаено е активно бебето во текот на денот. Иако основно правило е дека треба да има 10 или повеќе удари во еден час. Доколку забележите дека вашето бебе не е активно подолго време, консултирајте се со вашиот лекар што поскоро. Со помош на современата технологија вашиот гинеколог ќе забележи дали има срцева акција и дали расте соодветно.
Контракции во почетокот на третиот триместар
Контракциите пред термин, може да се само вообичаена активност на матката, но може да бидат и знак за предвремено породување. Многу од трудниците кои стануваат мајки за првпат, може да се збунат ако се случи тоа. Спонтаните и нередовни контракции најчесто се јавуваат после 20. недела од бременоста. Матката е составена од мускулни влакна и истите се контрахираат кога матката расте и се тегне, и претставуваат подготовка на матката за породување. Разликата од породилните контракции е дека спорадичните (лажни контракции) не се болни туку само имате чувство на стегање на матката. Нормален број контракции во текот на денот е околу десетина, може да се јават и спонтано без никаква активност, но често се јавуваат при промена на положбата на телото од лежење во станување, при качување скали, невообичаен замор, дихидратација и сл. Редовните контракции се јавуваат во точен временски интервал, на пример на секои 10-15мин или почесто и го зголемуваат интензитетот. Истите се болни, придружени со болки во ’рбетот и чувство како за пред добивање циклус. Доколку чувствувате контракции кои стануваат регуларни, го зголемуваат интензитетот и не се смируваат по вообичаеното мирување на трудницата, потребно е веднаш да се упатите на гинеколог.
Прснат воденик
Ако додека одморате или ги извршувате секојдневните активности почувствувате како ви се намокрува долната облека или ви се слева вода по нозе - те без чувство дека сте се измокриле, најверојатно, ви прснал воденикот. Без разлика во кој период од бременоста се наоѓање, и дали имате контракции или не, кога ќе прсне воденикот треба веднаш да се упатите во болница. Понекогаш поради притисокот кој го прави матката врз мочниот меур, може да се случува да имате и неволно истекување урина. Обично тоа се по неколку капки урина и може да бидете во недоумица дали би прснал воденик. И во овој случај упатете се на лекар.
Прееклампсија
Покачен крвен притисок над 140/90ммХг во повеќе наврати, главоболка, отоци на телото, губиток на протеини во урината, визуелни нарушувања се дел од симптомите кои може да бидат знак на преекламсија–сериозна здравствена состојба која претставува високо-ризична бременост како за мајката така и за плодот и треба да се следи само во соодветни установи за оваа проблематика. Оваа состојба може да се накалеми на трудници со преегзистенцијална хипертензија, бубрежни нарушувања, дијабет или може да се јави како сосема нова состојба кај претходно сосема здрава трудница. При појава на некои од овие симптоми потребно е да се јавите на лекар за детални испитувања и дијагноза, терапија, како и упатства за натамошниот тек на бременоста и хигиено-диететски режим. Понекогаш оваа состојба може да биде толку сериозна што единствен лек би бил прекинување на бременоста, што, секако, не е лесна одлука за лекарот и пациентот, особено кога се работи за потребата од пред терминско породување. Затоа следењето на крвниот притисок, крвната слика и урина седименот се важни за секоја бременост, бидејќи не ретко на почетокот од оваа состојба трудниците немаат никакви субјективни симптоми.