fbpx

Амниоцентеза

Во зависност од количината на плодовата вода и од позицијата на постелката, амниоцентезата се изведува помеѓу 16 и 20 гестациска недела. Најдобро е да се направи помеѓу 16-18 гестациска недела, затоа што тогаш има најмногу фетални клетки за анализа. Се смета дека тогаш зафатот е најлесен за реализација, со најмал ризик, а резултатите од култивирање на клетките од плодовата вода се најдобри.

Што е амниоцентеза?

Амниоцентеза претставува земање примерок од околуплодовата вода. Се прави со помош на специјална игла, која под контрола на ултразвук, преку абдоменот на мајката и потоа преку ѕидот на утерусот се внесува во амнионската течност. При тоа се аспирираат околу 20 мл плодова вода. Раната амниоцентеза се прави во вториот триместар од бременоста. Во околуплодовата вода се наоѓаат десквамирани клетки од плодот (амниоцити), кои по култивирањето од две недели, можат да служат за хромозомска и/или биохемиска анализа. Доцната амниоцентеза се реализира во третиот триместар од бременоста и се прави за проценка на зрелоста на фетусот.

Во кои случаи се применува?

Амниоцентезата се изведува во следниве случаи : кога партнерите се во роднинска врска, доколку еден или двајцата партнери носат ген за иста или различна генетска болест (албинизам, хемофилија...), кај партнери носители на исто оштетување (глуви, слепи, парализирани...), доколку мажот или жената се во роднинска врска со лице со трисомија 21 ( Sy Down); при душевна или друга болест која може да се смета дека има генетско потекло; кај родители кои веќе имаат дете носител на генетска болест со развојни аномалии; при различни метаболни или крвни болести (хемофилија, таласемија, српеста анемија); кај партнери со повторувачки рани спонтани абортуси; трудници постари од 35 годишна возраст или татковци над 50 години.

Постои ли опасност за плодот?

Со развојот на ултразвучната техника ризикот од амниоцентеза е сведен на минимум. Со помош на ултразвучно наведена амниоцентеза, за време на целиот зафат се следи правецот и патот на иглата како и движењето на фетусот. При самата интервенција се одбира местото со најмногу плодова вода (најголем џеб на плодова вода), по можност што подалеку од главата на фетусот, најчесто околу долните екстремитети. Ако е постелката на предниот ѕид тогаш пункцијата би требало да се изведе покрај неа или низ нејзиниот најтенок дел. На тој начин повредите на фетусот, постелката или папочната врвца практично се сведени на минимум.

Дали е болна постапката?

Процедурата е рутинска и се работи амбулантски. Речиси 70 проценти од жените укажуваат дека немаат никаков или имаат минимален дискомфорт или болка за време на постапката.

Колку е сигурно ова испитување?

Резултатите кои се добиваат преку амниоцентезата се сметаат за сто отсто сигурни. Најчести компликации се инфекција на амнионската течност и оштетување на плодовите обвивки. Како најсериозна компликација е можноста од предвремени контракции и спонтан абортус или предвремено породување. Според повеќето студии ризикот од спонтан абортус предизвикан од амниоцентеза е околу 1 до 2 проценти.