Трет триместар
Се ближи денот кога, конечно, по девет месеци за првпат ќе го видитеи прегрнете вашето бебе. Кај некои жени во овој период се јавуваат отоци, раздразливост, умор. Но, набргу ќе дојде денот кога вие ќе станете мајка па сите проблеми во бременоста за вас ќе станат минато.
28. и 29. недела, почнува третиот триместар од бременоста
До последните недели бебето измокрува пола литар урина во плодовата вода и голта речиси исто толку плодова вода секој ден. Можеби звучи лошо, но, бебешката урина е совршено стерилна. Неделно во последниот триместар вашето бебе ќе ја зголемува својата тежина по 200 грама.
30. недела, појава на отоци кај мајката
Можна е појава на отоци на вашите стапала и потколениците. Отоците притискаат на нервите па може да доведе до чувство на трнење и пецкање. Овие отоци најчесто се последица на задршката на течности и отежнатото враќање на крвта од венските садови, на кои во карлицата може да притиска зголемената матка. Тие обично се намалуваат по спиење и одмор. За да ги намалите отоците одморајте ги нозете во подигната положба, доколку можете пливајте и избегнувајте да стоите долго. Доколку отоците не се повлекуваат по одмор и спиење, веднаш побарајте помош од вашиот гинеколог. Контролирајте го вашиот крвен притисок.
31. до 33. недела, созревање на белите дробови кај плодот
Органите на плодот се веќе комплетно формирани, заостанува само созревањето на белите дробови. Во 33. гестациска недела позицијата која сега ја зазема бебето, најверојатно, е конечна позиција (да се породи со главата веројатноста е 97% или со задникот 2.7%).
Кај мајката може да се појаватсвиени сини вени на потколениците – варикозни вени. Вени во ректумот се всушност хемороидите. Ако имате болни варикозни вени, држете ги нозете подигнати колку повеќе можете, носете чорапи за поддршка. За да превенирате појава на хемороди внимавајте на храната со цел да избегнете запек. Доколку се појави локална топлина, црвенило и оток на нозете, веднаш јавете се кај гинекологот.
34. недела, мајката чувствува недостиг на здив
Од оваа недела па натаму можно е да сте уморни, да имате недостиг на здив, желудочни киселини, да имате болки во грбот и сето тоа ве прави нестрпливи да се породите! Како што матката расте, таа ја потиснува и дијафрагмата, што доведува до недостиг на здив. Симптомите исчезнуваат во последните недели на бременоста, кога бебето полека се спушта во вашата карлица. Во меѓувреме спијте со малку подигнат горен дел на телото, за да се олесни притисокот на белите дробови.
35. недела – се зголемуваат болките во грбот
Како што вашето бебе продолжува да расте, хормоните на бременоста ги релаксираат зглобовите на карлицата и крстната коска, воедно зголемената матка го оптоварува ’рбетниот столб. Овие промени може да доведат до болка во ’рбетот. Замолете го партнерот за масажа. Носете чевли со ниски потпетици, но не рамни и со добра поддршка на табаните.
36. недела, мајката чувствува проблеми во желудникот
Растот на матката доведува до буткање на желудникот од неговата нормална позиција. Тоа доведува до задршка на желудочните киселини. Спуштањето на главата на бебето може да се случи неколку недели пред породувањето. Кога бебето ќе се спушти, полесно ќе дишете, ќе имате помалку киселини. Во 37. недела веќе се смета дека вашето бебе е подготвено за раѓање. Сите органи на плодот се подготвени да функционираат самостојно.
38. до 40. недела –бебето е подготвено за раѓање
Вашето бебе е подготвено за раѓање. Во 39. недела плацентата продолжува да доставува до вашето бебе хранливи материи и антитела, кои ќе помогнат во борба со инфекциите по породувањето. Ако го доите вашето бебе, тоа преку вашето млеко постојано ќе добива дополнителни дози ваши антитела, кои се од огромно значење за имунитетот и одбраната од микроорганизми, во најосетливиот период кога неговиот имунитет сè уште не е формиран. Во 40. недела вашето бебе може да тежи од 2900 па до повеќе 4000 грама. Запомнете,здрави бебиња доаѓаат во различни големини. Тоа зависи од генетскиот потенцијал за раст на вашето бебе. Секако вашиот гинеколог во текот на бременоста ќе детектира одредени состојби кои можат да доведат до застој во растот на плодот, како и состојби кои доведуваат до негов зголемен раст. Не е потребно да се вознемирувате доколку терминот помине без да се појават контракции. Нормално е да родите неколку недели порано, па и една до две недели по терминот, исто како што е нормално да родите и на самиот ден на терминот. До вашиот термин вие ќе зголемите просечно 11 до 16 килограми. Од тие плодот просечно придонесува со 3 до 4 килограми, зголемени гради и матката со по 1 килограм, плодова вода 600мл, вашиот зголемен крвен волумен 3,5 кг и маснотии околу 3,5 кг.