Во текот на бременоста треба да направите 10 прегледи доколку сте прворотка, а кај повеќеротки 7 прегледи. Кај високоризични бремености и по потреба бројот на прегледи е поголем. Секој месец вашиот гинеколог ќе го следи крвниот притисок, тежината, крвна слика, анализата на урина и растот на плодот. Покрај овие рутински прегледи важно е да се направат одредени поспецифични прегледи.
Прв триместар - На почетокот од бременоста се прави гинеколошки преглед при кој се зема детална анамнеза од трудницата за нејзините претходни болести и операции, примени вакцини и евентуалните болести во семејството. Во текот на овој триместар се земаат микробиолошки брисеви и микробиолошка анализа на урината. Вагиналните инфекции го зголемуваат ризикот од предвремено прскање на воденикот, предвремено раѓање и инфекција на новороденчето и токму затоа е потребно да бидат навреме откриени и излечени. Вообичаено еднаш месечно се прават лабораториски анализи на крвта и урината. Се одредува крвната група и Rh фактор. Од 11. до 14. гестациска недела се прави првиот ултразвучен скрининг со кој се одредува ризикот на плодот од хромозомски аномалии. При тоа ултразвучно се детектираат одредени делови на плодот кои можат да укажат на овие аномалии, а тие најчесто по 14. недела исчезнуваат. Доколку го пропуштите овој преглед , понатаму нема да може да се детектира маркерот кој укажува за можно постоење на хромозомски болести (Даунов синдром), кои, за жал, се неизлечиви.
Втор триместар - Од 18. до 22. гестациска недела се прави ултразвучен скрининг со кој покрај тоа што се следи растот на плодот, главна задача е детална анализа на анатомијата на фетусот, поединечно неговите органи и исклучување на вродени аномалии на плодот, почнувајќи од најтешките, кои се ризични по животот на плодот, сè до помалите или козметички дефекти. Се анализира папчаникот, плацентата, нејзината поставеност, но и должината на грлото на матката, кое ни го одредува ризикот за предвремено породување. Во периодот од 24. до 28. недела се прави и тест за откривање гестациски дијабет.
Трет триместар - Со ултразвучен преглед во третиот триместар (30-34 недела) се проверува пропорционалниот и правилниот раст на бебето. Се детектира дали има застој во растот на бебето како последица на нарушувања во функционирањето на плацентата. Со помош на доплер се анализира дали циркулацијата на крв преку папочната врвка кон бебето е доволна, а доколку не е, кога е идеално време да се заврши бременоста, а во исто време да се добие зрело и здраво бебе. Во текот на 9. месец се почести контролите, а се прави и ЦТГ со кој се регистрираат отчукувањата на срцето на вашето бебе. Покрај тоа го регистрира и постоењето, јачината, траењето и честотата на контракциите на матката. Неговата цел е да се евалуира состојбата на плодот, неговата снабденост со кислород и дали при појавата на контракциите се нарушува снабдувањето на плодот со крв. Се изведува во последниот триместар и во текот на породувањето. Во овој период се прави и микробиолошки тест за група Б стрептокок(GBS), која е честа бактерија, вообичаено се наоѓа во дебелото црево и често е безопасна за возрасните, но бебињата може да имаат сериозни проблеми доколку се заразат со неа. За да ја открие, гинекологот ќе земе брис од долниот дел на вагината и просторот меѓу вагината и анусот. Ако тестот е позитивен, кога ќе почне породувањето ќе ви биде даден антибиотик за да се заштити бебето од бактеријата.
Кај RH негативни мајки. Доколку вие сте Rh негативна, а вашето бебе е Rh позитивно, можно е мал број клетки на вашето бебе да влезат во вашата циркулација за време на бременоста или раѓањето. Тогаш вашиот имунитет нив ќе ги третира како туѓо тело и ќе создаде антитела против нив. Доколку такви антитела се создадени во вашиот организам тие може сериозно да го оштетат вашето бебе. Вашата крв ќе биде проверена дали веќе се создадени такви антитела. За да се заштити бебето и идните бремености, во 28 г.н. ќе ви биде дадена инјекција Anti-D, која ќе спречи во вашето тело да се формираат антитела против вашето бебе. По породувањето се зема крв од вашето бебе и доколку се потврди дека е Rh позитивно, ќе треба да примите уште една инјекција Anti-D.