fbpx

Физичката активност е битен сегмент во развојот на детето. Уште од рана возраст најмладите треба да вежбаат. Доколку вашите деца не се физички активни, ваша должност е да ги поттикнете. Ерата на компјутерите и телевизијата  го зема најголемиот данок, здравјето на нашите деца. Часовите поминати во седење пред компјутер и телевизор, во епидемиски размери, го зголеми бројот на деца со прекумерна телесна тежина, како и деформитети на ´рбетниот столб. Истражувањата покажуваат дека децата кои гледаат телевизија повеќе од три часа дневно имаа двојно поголем ризик да станат дебели за разлика од оние деца кои пред телевизор и компјутер поминуваат помалку од два часа во текот на денот.

Физичката активноста како превентива од прекумерна тежина

  Родителите мора да сфатат дека физичката активност има голема улога во развојот на коските и мускулите. Уште од најмала возраст треба да ги поттикнат да бидат физички активни. Спортскиот дух и здравите животни навики ќе придонесат вашето дете:    

  • Поубаво да се чувствува
  • Полесно да учи
  • Ќе има здрава телесна тежина
  • Здрав развој на коските и мускулите
  • Навечер поубаво ќе спие

Доколу вашите деца не покажуваат голем интерес за вежбање и спорт, ваша должност е да ги насочите. Разбудете го спортскиот дух кај детето со тоа што ќе му покажете дека физичката активност е забавна. Вратете се во детството и потсетете се на игрите, истите пренесете му ги на вашето дете. Аџибадем Систина Плус ви нуди предлози како да ги активирате  децата.

Возење велосипед и ролери

Возењето велосипед и ролери се одлични кардиоваскуларни вежби, а во исто време активираат неколку групи мускули. Возењето можете да им го направите поинтересно со тоа што ќе организирате мал натпревар во трки. Децата сакаат да се натпреваруваат, особено со своите родители. Ова е одличен начин да ги натерате часовите седнати пред компјутер и телевизор да ги заменат со свеж воздух надвор.

Танцување

Танцувањето е одлична вежба, а децата го обожаваат. Не ви треба посебна опрема, само музика и добро расположение. Уште позабавно е кога и родителите ќе танцуваат со нив. Поттикнете го расположението и продолжете со танцување. Ќе видите колку е забавно, а вашите деца нема ни да забележат дека вежбаат.

Семејна прошетка

Еднаш неделно заедно со целото семејство посетете ја најблиската планина или парк. Земете една торба за да собирате „богатства“ по патот. Додека пешачите организирајте натпревари, на пример кој ќе стигне прв до некој знак. Семејната прошетка е одлично време за поврзување на семејството, а во исто време и можност да го раздвижите телото.

Прошетки со куче

Ако вашето дете бара да чувате куче, тогаш ова е шанса за вас да го натерате да вежба. Кучето треба секојдневно да го шетате. Доколку вашето дете  инсистира да има милениче, тогаш вие  условете го со  редовно шетање. Секојдневната прошетка на кучето ќе биде одлична физичка активност за вашето дете.  

Скокање на транболина

Истражувањата покажуваат дека 10 минути скокање на транболина има ист ефект со пола час трчање. Скокањето помага во менталниот и физичкиот развој на детето и  во развивање на моторните способности за рамнотежа и координација кај децата. Сепак, внимавајте трамболината да е безбедна за да не се повреди вашето дете.

Пливање

Ако одлучите детето да го запишете на пливање, бидете сигурни дека сте го направиле најдобриот избор за телесен раст и развој на вашето дете. Пливањето позитивно влијае на кардиоваскуларниот систем, дишењето  и ги јакне мускулите. Со пливање сите мускулите кај детето  рамномерно се обликуваат, особено на грбот, што придонесува за правилно држење на детето.