fbpx

Правилната исхрана има големо значење во здравиот развој на новороденчето. Со соодветна исхрана доенчето се развива и напредува брзо. Се смета дека доенчето треба до шестиот месец двојно да ја зголеми својата тежина, а до крајот на првата година и до трипати.

Воведувањето на разновидна храна е период на голема промена кај новороденчето. Период кога треба да се почне со внес на друга храна, што честопати може да резултира со одбивност и лошо расположение за прифаќање на истата.

Воведувањето на оваа разноврсна исхрана се случува обично меѓу 4.и 6. месец кога енергетската вредност на нутриентите во мајчиното млеко т.е. во млечната формула веќе не е доволна за да го задоволи брзиот раст и развој на доенчето.

Доколку детето има одличен раст и развој, мајчиното млеко како единствена храна може да трае до 6. месец. Секако не би требало внесот на другата храна да е пред 4. месец поради незрелоста на многуте ензими кои учествуваат во варење и преработка на внесената храна, како и поради општата незрелост на дигестивен систем кај младиот бебешки организам, што може да е причина за развој на алергиски реакции.

Многу е важно воведувањето на новата храна да оди постепено, во консултација со вашиот педијатар.

Со која храна треба да почнете:

Прво се почнува со овошје и зеленчук. Секако дека тие доаѓаат како дополнение на доењето, кое и понатаму ја има главната улога во исхраната на детето. Треба да бидеме внимателни и при изборот на овошјата, на почеток се даваат оние  кои се најмалку алергогени ( јаболко, круша, банана, модра слива). Напоредно се почнува со внесување на зеленчукови оброци ( компир, морков, брокула, карфиол, тиквички....).

Со зрнест зеленчук се почнува околу 9. месец. Овошните и зеленчукови оброци се даваат без додаток на сол и шеќер затоа што уринарниот систем и ензимите кај доенчето неопходни за адекватна елиминација на распадните материи сè уште ја немаат стабилизирано својата функција. Овошјето и зеленчукот се природен извор на витамини и олигоелементи така што адекватен внес на истите овозможува зголемување на заштитните механизми на организмот и придонесува кон здраво растење.

Месото е еден од најважните извори на протеини и масти, како и извор на енергија и железо во овој период претставува месото. Неговото воведување во детската исхрана е некаде околу седмиот месец.

Житариците на почеток се даваат само оние без глутен, како што се ориз и пченкарни снегулки, додека другите житарици, како и лебот се внесуваат меѓу 9. и 10. месец. Житариците изобилуваат со диететски влакна кои го олеснуваат варењето на внесената храна и ја подобруваат цревната микрофлора. Содржат железо, јод, калциум, витамини А, Б и Ц.

ЗАПОМНЕТЕ:

1.     Доењето е незаменлива храна за вашето доенче.

2.     Во случаи кога доењето е невозможно, давајте адаптирано млеко по формула.

3.     Разноврсната исхрана внесувајте ја постепено и по совет на вашиот педијатар.

4.     Храната треба да содржи свежи продукти, термички добро обработени, но, сепак,  давајте и свежо овошје кое во тој период е најдобар извор за витамини и ологоелементи.

5.     Витаминот Д, кој и покрај тоа што е присутен во многу продукти кои се на нашата трпеза, сепак, треба да се додава во исхраната ( витамински капки за коски, 400 IE / ден ), посебно во периодот на исправување и проодување на вашето доенче.