fbpx

Симптоми во бременоста

Вагинален исцедок – може да забележите бел вагинален исцедок. Овој исцедок се смета дека помага во спречување на развојот на потенцијално опасни бактерии. Вагината има ациден pH кој варира од 3.5 до 6. Киселата средина во вагината е всушност и природна одбрана од микроорганизмите. Обратете внимание доколку исцедокот е со непријатен мирис, доколку е зелен или жолтеникав или доколку е придружен со црвенило, чешање и иритација. Ова може да се знаци за вагинална инфекција. Вагиналните инфекции се едни од најчестите причини за предвременото прскање на воденикот и предвременото породување. Препорачано е рутински да се направат микробиолошки брисеви. Известете го вашиот гинеколог.

Промени на кожата – Како што циркулацијата на крв во вашата кожа се зголемува, одредени делови од вашата кожа можат да станат потемни, како што е кожата околу брадавиците или делови од лицето. Карактеристична промена на кожата е и појава на линијата на стомакот од папокот до карличната коска (linea negra). Изложување на сонце ги потенцира овие појави. По бременоста ќе исчезнат.

Проблеми со дишењето и непцата – Како што се зголемува циркулацијата, повеќе крв поминува низ вашите мукозни мембрани. Тоа доведува внатрешната слузница на носот и на дишните патишта да отече, што може да го намали протокот на воздух и да доведе до хрчење, потешко дишење, чувство на затнат нос. Од истите причини се појавува и крвавење од вашите непца, при четкање на забите. Препорака: користете помека четкичка за заби во бременоста.

Стрии – Може да забележите розови, црвени или виолетови ленти на вашиот стомак, гради, горниот дел на рацете, бутовите. На тие делови од кожата може да е поосетлива и да чеша. Хидратантни креми можат да помогнат. Сепак, стриите не може да се превенираат, најголемиот дел од нив по бременоста се намалуваат и бледеат.

Вртоглавици и слабост- Вашите крвни садови се шират како одговор на хормоните на бременоста. Во исто време волуменот на крв рапидно се зголемува уште од стартот на бременоста. До 34.недела се зголемува за 45% повеќе од волуменот кој бил пред бременоста. Сепак, крвните садови се многу проширени, а зголемувањето на волуменот на крвта не може да постигне да ги исполни и тоа доведува до пад на вашиот крвен притисок и може да почувствувате повремено слабост па дури и вртоглавици и тахикардија. Доколку имате вакви тегоби, пијте многу течности и станувајте полека, по лежење или седење. Доколку се чувствувате слабо, најдобро е да легнете. Потребни се редовна лабораториска контрола и контрола кај гинекологот.

Бракстон Хикс (Braxton Hicks) контракции – Може да се појават контракции, кои се во вид на осет на стегање, притисок или тежина во долниот дел на стомакот. Тие обично се слаби и доаѓаат и исчезнуваат непредвидливо и не се регуларни. Доколку контракциите се чести, се појавуваат на регуларни интервали или се појави и крвавење, веднаш консултирајте го вашиот гинеколог бидејќи може да се работи за знаци за заканувачко предвремено породување

Инфекции на мочниот меур и бубрезите – Хормонските промени го забавувааттекот на урината, но голема улога игра и зголемувањето на матката.Таа може да притиска на мочниот меур или на уретрите кои ја доведуваат урината до мочниот меур и да врши застој на урината. И двата фактори придонесуваат за застој на урина и инфекции на мочниот меур и бубрезите

Отоци - Можна е појава на отекување на стапалата, скочниот зглоб и потколениците. Отоците притискаат на нервите па може да доведе до осет на трнење и пецкање. Овие отоци најчесто се последица на задршката на течности и отежнатото враќање на крвта од венските садови, на кои во карлицата може да притиска матката. Тие обично се намалуваат по спиење и одмор. За да ги намалите отоците одморајте ги нозете во подигната положба, повеќе одморајте и избегнувајте да стоите долго. Доколку отоците не се повлекуваат по одмор и спиење, веднаш контактирајте го вашиот гинеколог

Проширени вени и хемороиди – Зголемената циркулација на крв и застојот на крвта што е последица на притисокот на матката на големите вени кои ја враќаат крвта од нозете доведува до појава на проширени вени на потколениците – варикозни вени. Вени во ректумот се всушност хемороидите. Ако имате болни варикозни вени, држете ги нозете подигнати колку повеќе можете, носете чорапи за поддршка. За да превенирате хемороди внимавајте на храната со цел да избегнете запек. Внесувајте салати и многу течности. Доколку се појави локална топлина и црвенило, веднаш јавете се кај гинекологот.

Недостиг на здив – Како што матката расте, таа ја потиснува и дијафрагмата, мускулна плоча веднаш под белите дробови. Симптомите исчезнуваат во последните недели на бременоста, кога бебето полека се спушта во вашата карлица. Во меѓувреме спијте со малку подигнат горен дел на телото за да се олесни притисокот на белите дробови.

Болки во грбот – Како што вашето бебе продолжува да расте, хормоните на бременоста ги релаксираат зглобовите на карлицата и крстната коска. Овие промени може да доведат до болка во ’рбетот. Кога седите изберете стол со добра подршка. Замолете го партнерот за масажа. Носете чевли со ниска потпетица, но не рамни, и со добра подршка на табаните. Ако болката не поминува, обратете се кај гинекологот.

Спуштањето на главата на бебето може да се случи неколку недели пред породувањето или дури кога породувањето ќе почне. Кога бебето ќе се спушти, полесно ќе дишете и ќе имате помалку киселини.

Желудочни киселини – Растот на матката доведува до избуткување на желудникот од неговата нормална позиција. Тоа доведува до задршка на желудочните киселини. За да ги ублажите симптомите јадете мали порции храна, пијте многу течности меѓу оброците. Избегнувајте пржена и зачинета храна, газирани сокови, цитрусно овошје. Ако ова не помага, гинекологот ќе ви препише соодветни антацидни лекови.