fbpx

Што да очекувате по породувањето?

Во првите денови по породувањето кај сите жени се јавува крвавење, без разлика дали породувањето е природно или со царски рез. Исцедокот е со густа и црвена боја, како крвта од првиот ден на менструалниот циклус. Во текот на следните денови крвта ја менува бојата од кафеава па сé до розова. По неколку недели се појавува бел исцедок што продолжува во тек на еден и пол месец. Доколку се зголемува крвавењето и се покачува телесната температура или, пак, исцедокот има непријатен мирис, веднаш консултирајте се со вашиот лекар.

  • Пациентките кои се породиле по природен пат и се чувствуваат добро, неколку часа по породувањето можат да станат и да се движат, но во придружба на медицинска сестра. Кај пациентките со царски рез овој период трае подолго и се менува во зависност од одлуката на одговорниот доктор. На овие пациентки во првите неколку дена им е потребна помош при станување од медицинскиот персонал. 
  • Бидејќи  движењето е важно за циркулација на крвта и за работата на цревата, се препорачува шетање по болничките ходници.
  • Кај пациентките со царски рез,поставениот уринарен катетер, доколку состојбата дозволува , се вади 24 часа по породувањето.
  • Туширањето дава позитивни ефекти врз циркулацијата на крвта и лачење на млекото, па токму затоа и се препорачува. По спонтано породување мајката може да се тушира доколку се чувствува добро. Се препорачува туширање со млака вода, но не повеќе од 10 минути. По туширањето раната треба добро да се исуши.
  • За пациенти со царски рез по 24 часа се препорачува истиот процес на туширање со млака вода, но не треба да трае повеќе од 10 минути. Претходно местото на резот се покрива со лепенка што не пропушта вода.
  • По секое одење во тоалет перинеумот (просторот меѓу вагината и анусот) се мие од предниот кон заден дел. Потребно е да се внимава перинеумот да биде секогаш чист и сув за да се избегне  каква било можност од појава на инфекција. Влошките што се користат треба да се менуваат на секои 3-4 часа иако нема крвавење.
  • Во домашни услови се препорачува да носите памучна долна облека што нема да ве затега и потребно е истата секојдневно да се менува. Кај пациентките со царски рез треба да се внимава резот на раната да не доаѓа во директен контакт со ластикот од долната облека или пижамата.