fbpx

Секоја приказна има своја поука, па така се надевам и оваа. Во чест на моите деца, Одделот за гинекологија и акушерство, Одделот за асистирана репродукција, како и Одделот за неонатална интензивна нега, а пред сè за подигање на свесноста кај идните родители, кои ќе го минат трнливиот пат на зачнување, ризична бременост и одгледување на предвремено родено дете, решивме да ја споделиме оваа приказна. По првата неуспешна бременост, разочарани, несигурни и неутешни, се одлучивме да ја смениме болницата, па по препораки од компетентни лица и пријатели со позитивно искуство патот нè доведе до Клиничката болница „Аџибадем Систина“, поточно ординацијата на д-р Митко Ивановски.

Заминувате со празни раце од болницата, празнина во срцето и во душата

Со д-р Митко Ивановски многу брзо се разбравме, се договоривме што треба да направиме, како ќе продолжиме, и по неколку интервенции, а и бројни испитувања стигнавме до успешно зачнување преку методот на инсеминација, и тоа од прв обид. Сè тргна добро, бевме многу среќни, дури и вчудоневидени со која леснотија стигнавме до бременост, но тоа траеше само кратко. Од првите болки се извлековме со интервенција на докторот и краток престој во болницата, а потоа почна да се надзира крајот на бременоста, иако јас и мојот сопруг тоа не можевме да го сфатиме, а, секако, и човековата природа е таква да верува дека надежта последна умира. И потоа повторно болки и повторно во болница, и повторна интервенција. Но, некогаш, колку и да имате знаење и волја, работите не одат понатаму. За време на престојот во болницата, уште кога имаше и најмала надеж, бидејќи д-р Ивановски не се откажува лесно, а и добро ја познава природата на своите пациенти, разбравме дека нашето бебе е женско. Кога лежите во болнички кревет под дејство на многу медикаменти не секогаш успевате да расудувате рационално, па така ние на нашето бебе предвреме му го дадовме името Петра (ан- тички град во Јордан, светско чудо, исклесан во карпа, скриен длабоко во пустината, па и кога поминувате над него по автопатот невозможно е да го видите. Зрачи со својата убавина, мистериозност, цврстина, и по толку многу векови, опстојува да му пркоси на времето. Јас и мојот сопруг при една посета на Јордан се заљубивме во него, па оттаму и името на нашата ќерка). Но, понатаму нема што да кажам, сè заврши со неуспех, големо разочарување. Заминувате со празни раце од болницата, празнина во срцето и во душата. Нема утешни зборови што некој може да ви ги каже за да ви олесни. Само времето како изминува може да ви донесе нова надеж.

Д-р Ивановски беше тука да нè води по вистинскиот пат за остварување на целта

На следниот преглед го прашавме д-р Ивановски кога би можеле повторно да се обидеме, оти тоа е единственото нешто што нè интересираше. Но, д-р Ивановски е човек пред сè, а потоа доктор, па суптилно ни одговори дека ќе ни треба време да ја поправиме штетата од претходната бременост и да го спремиме организмот да биде во одлична состојба за нова бременост. Па така поминаа 2 години, во кои не изгубивме надеж, и доследно ги следевме препораките на докторот, на кој морам да кажеме безрезервно му веруваме, оти поинаку не можете да стигнете до целта. Д-р Ивановски беше тука за сите падови, несигурности, разочарувања, да нè води по вистинскиот пат за остварување на целта. И така и беше. Се одлучивме, по препорака на докторот, за ин витро оплодување, и тргнавме по патот на секојдневни терапии, долготрајни и макотрпни. Па така на 07.07.2015 година започнува приказната за Виктор и Петра. Ова е сведоштво за истрајноста на жената, желбата за потомство, и за љубовта и посветеноста на докторите кон професијата.

Втор обид, бременост со две бебиња, машко и девојче

Од моментот кога д-р Ивановски ни соопшти дека имаме бременост, и тоа со две, тоа беше вчудовидувачки, вртелешка од емоции и чувства која ве носи горе доле. Не се надевавме на две, дури и кога ги видов резултатите од тестот на крв, си реков подобро да отидам на преглед за докторот да види со свои очи. Радосни, но и исплашени бидејќи од самиот почеток ни беше укажано дека близначката бременост носи свои ризици, а и мојата историја со претходните бременост не ме оставаше мирна. Упатствата од докторот ги следев, доследна бев на сите терапии кои ми беа дадени, па така во 20:00 часот станавме редовни пациенти на Ургентниот центар, сопругот во чекалницата ги прочита сите можни списанија, а јас во ординацијата да ја примам дневната доза на потребни лекарства. Го замразев клексанот од дното на душата, пора- ди болката и модриците кои ги предизвикува, но сè издржувате оти во вас чукаат два нови живота, кои ви даваат полет и чувство дека можете сè. По краток период почнаа првите проблеми, да кажам старата песна. Повторно болки. По краток престој во клиничката болница, овој проблем успешно го пребродивме. Бебињата растеа непречено, ја постигнуваа потребната големина. За кратко го дознавме и нивниот пол. Па кога Господ ќе ви подари и машко и женско, тогаш нема поголема среќа за родител. На наредните прегледи д-р Ивановски веќе не беше така „задоволен“, почна да ги предвидува можните компликации, но се надеваше на породување барем во 32. недела.

04:00 часот по полноќ, воденикот пукна

Многу пречки се испречија на оваа бременост, но успешно ги решававме сè до најголемата, која се случи на 04.12.2015 година. Кобен, тмурен, ладен и најнепријатен петок. За мене црн петок. Во 04:00 часот по полноќ, воденикот пукна, и некако за цели 10 минути на несвојствена присебност успеавме да стигнеме до Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Во Ургетниот центар го повикаа дежурниот гинеколог, и овој пат тоа беше д-р Јорданчо Иванов. По некоја случајност д-р Иванов секогаш беше дежурен кога и да имав проблем. Бев хоспитализирана и во краткиот период дури чекав да ми одредат терапија вртев милион пати на телефонот на мојот доктор, кој во такви моменти ви треба најмногу, оти во таа состојба само него можете да го разберете што зборува и само нему му верувате. Да биде несреќата поголема докторот беше надвор од земјата, на аеродром со неможност да се врати поради откажани летови. Но, за среќа, успеа да се јави, па по разговорот бев малку посмирена. На вратата се појави и д-р Кузеска, рече дека ја пратил д-р Ивановски. Нејзините утешни зборови, објаснувања за состојбата во која сум јас и моите двете деца малку од малку помогнаа. Но, тоа не значи дека агонијата престана, тоа е како да сте пред вратите на пеколот, онака како што можете најлошо и најстрашно да си го замислите.

Лежев во една положба за да издржам до 28. недела

Д-р Ивановски пристигна за два дена, но за мене тие беа вечност. А понатаму ја продолжи секојдневната борба со предизвиците на пукнат воденик на едно од бебињата во 24. гестациска недела, а пожелно беше да издржам до 28-ма. А јас само сакав и понатаму да продолжи мојата бременост. Лежењето во една положба без можност за станување ви прави во главата да ви се вртат секакви мисли, не секогаш оптимистички, па сопругот мораше да биде тој силниот кој во секој момент мораше да најде утешни зборови. Неговата секојдневна присутност ми даваше верба дека може да се издржи, да се истрае. Секое утро се прашував дали бебето е живо и дали барем малку напредува, дали другото бебе е загрозено. Едвај чекав да се појави д-р Ивановски на вратата, да можам да ги препрашам истите прашања од претходниот ден, но и да добијам позитивен одговор. Да можам да си ги видам децата на ехо. И кога ги видов, ме обземаше чувство на радост, но за кратко, и повторно надоаѓаше она чувство како кога ве боли душата. Целиот персонал на Одделот за гинекoлогија ми излезе во пресрет не затоа што тоа беше нивна обврска туку секој ден од мојот престој се обидоа да го направат полесен, посмирен, да ја смират како мојата физичка така и ментална болка. Сестра Мартина, сестра Вале и сестра Елена го вложија сето свое знаење, но и сета човечност, пријателство и мајчинство што во себе го носат да ми дадат поттик да издржам. Но, колку и да сакате да останете силен, и колку и да сте истраен, секогаш има моменти на слабост кои ќе ве надвладеат, па така имав секојдневна борба со сите стравови, дилеми и лоши сценарија. Јас со моите демони, доктор Ивановски со неговите.

На 31.12 на свет дојдоа Виктор и Петра

Откако успеавме да поминеме две зреења на плодовите, д-р Ивановски предложи породување на 31.12.2015. Чудна ми беше одлуката, сакав да истраам уште малку за да ја стигнам „безбедната“ 28. недела. Ама докторот знаеше дека нема веќе сила ни во мене ни кај бебињата. Следниот ден дојде да го претстави д-р Александар Сајковски, тој требаше да ја продолжи работата на д-р Ивановски. Д-р Сајковски пластично ни ги претстави можните резултати. Ништо не можев да го прашам ниту јас ниту сопругот оти бевме во шок. Ноќта пред 31.12. д-р Јорданчо Иванов беше повторно дежурен, со него го поминавме не знам кое по ред ЦТГ, но сè беше в ред, освен мојата возбуда за утрешниот ден. Утредента си реков дојде крај на мојата голгота. Се излажав, таа продолжи и во наредните три месеци. Породувањето се заврши успешно, дојдоа на свет Виктор (си рековме ако успее ќе го викаме Виктор бидејќи беше победник, вистински херој) и Петра. Нови животи од 850 и 870 грама. Бидејќи бев неподвижна од месечното лежење во кревет, првиот ден не бев во можност да ги видам, информациите ги добивав од сопругот, сè што кажуваше е дека се живи и дека се многу многу мали. Се радувавме, но и се плашевме.

На петтиот ден заминав од болница, си дојдов дома со празни раце

 Утредента првпат ги видов, Виктор и Петра во посебни два инкубатора, едниот со сина постелнина, а другиот со розова. Сестрите им имаа направено гнезденца, и во нив ги имаа ставено овие две мали, кревки бебиња кои требаа допрва да се изборат за својот живот. Беа речиси проѕирни, крвотокот можеше да им се забележи, со затворени очи, само ноџиња и рачиња можеа да се распознаат и безброј цевчиња, кабли, мерачи. Не мрдаат. Лежат беспомошно. И монитор кој постојано отчукува, титка и свети црвено. А знам дека црвено е аларм, а јас како мајка, не можам да помогнам. Го имав доживеано најголемиот шок во животот. На петтиот ден заминав од болницата, си дојдов дома со празни раце. Е нема полошо чувство од мајка да не може да си го допре детето, а јас најблизу што можев е да го допрам инкубаторот однадвор. Секој ден со сопругот доаѓавме во болницата најмалку двапати, наутро и попладне, а навечер кога ќе ме фатеше паника им „досадував“ на сестрите во Одделот со бројни прашања, за што длабоко им се извинувам ама не можев поинаку. Како одминуваа деновите станувавме посилни, доаѓавме со позитивна енергија, верувавме во најдоброто, и се молевме. И Виктор и Петра полека но стабилно одеа напред, па успеаја да трепнат со очите, да мрднат со прстите, да испијат 2 мл млеко. Под будното око на д-р Сајковски полека но стабилно напредуваа. Долга беше оваа битка, но бевме решени дека ќе успееме. На сестра Снежана и сестра Весна веќе почнав да им читам од лицата, знаев дека кога ќе им видам жар во очите дека децата се добро. Секогаш ми кажуваа убави вести, некој грам повеќе, некој милилитар млеко повеќе. Моите деца тие ги гледаа како свои, тие им беа повеќе потребни отколку ние. Нивната посветеност, и професионализам нè правеше помирни. Иако напредуваа, стравот што ќе видиме утредента не нè оставаше мирни. Со д-р Сајковски постојано зборувавме, ќе речам дека нè информираше, дури и едуцираше и повеќе од потребното. Кога имате доктор со такво искуство и знаење, а воедно и желба да биде во тек со најновите истражувања и достигнувања, тогаш имате и што да слушнете, а по разговорите заминувавме посигурни. Па затоа со сигурност ќе кажам нема подобар избор од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Тимот на д-р Сајковски и д-р Фидановски успеа да ја одржи во живот Петра, а потоа се изборија и за Виктор

Еден ран февруари, како и секој ден дојдов на Одделот, со истата рутина, но при влезот ми беше нешто чудно, ме обзема некое непријатно чувство. Сакав и денеска да дојдам, да ми кажат колку пораснале, да го допрам инкубаторот на едниот па потоа на другиот, да им зборувам, но не беше така. Веднаш забележав дека Петра не беше в ред, уште едно цевче повеќе, уште една игла повеќе. Во тие мали ноџиња и рачиња веќе немаше простор каде не беше боцнато. Докторот ни ја соопшти лошата вест – некротизирачки ентероколитис. Следните денови д-р Сајковски и д-р Фидановски се бореа од петни жили да ја надминат состојбата. Тие беа исклучително критични за животот на Петра. Она што го постигна изминатиот месец, сè беше избришано, мораше одново да се почне. И не беше толку важно, само да преживее, така си велевме. И Петра е силна, таа е истрајна, и успеа. Успеа тимот на д-р Сајковски и д-р Фидановски да ја одржи во живот. Бевме благодарни и на докторите и на Господа што ни ја одржаа рожбата во живот, и се молевме да нема повеќе непријатни изненадувања. Но, имаше повторно. Овој пат Виктор. Овој пат предизвикот беше ретинопатија. Напредуваше многу брзо, па во рок од два дена на Виктор му се закануваше слепило. Мораше веднаш да се реагира и, за среќа на сите нас, се изнајде решение, кое доведе до позитивен резултат.

Моментот кога првпат ги допрев

Времето полека одминуваше, сè ни се чинеше како вечност, сè до моментот кога ми беше дозволено за првпат да ги допрам. Тоа беше момент на среќа, неописливо чувство на радост. Траеше многу кратко, но останува врежано како чувство за навек. По два месеца престој, почнаа и добрите вести. Д-р Сајковски полека најавуваше дека ќе го извади Виктор надвор од инкубаторот. Еден понеделник, па друг понеделник, па и третиот дојде, Виктор сè уште беше внатре. Неговото нестабилно дишење ги наруши плановите на д-р Сајковски. Но, еден понеделник, сестра Снежана ми ја соопшти убавата вест, го извадиле Виктор надвор од инкубаторот. Поубав ден немав доживеано. Му се јавив веднаш на сопругот да му ја соопштам убавата вест, а тој веднаш дојде од работа. За краток временски период и Петра ја извадија надвор. Иако сè уште беа изврзани на мониторите за следење на дишењето, сега можев и двајцата да ги држам во прегратка. Дома си одевме исполнети.

Душата и срцето ни беа исполнети

Кон почетокот на март ни се јавија очекувања дека ќе си одиме дома, веќе станувавме нетрпеливи. Виктор како потежок, сметаа дека е постабилен, па очекувавме дека него прв ќе си го однесеме дома, но Виктор и натаму задаваше проблеми, па доктор Сајковски реши дека Петра ќе биде првенчето. Така и бидна. Иако помалечка, таа беше истрајна и на 14.03.2016 година Петра ја донесовме во нејзиниот дом. Не ни се веруваше, но беше вистина. Бевме пред се благодарни на Господа а потоа и на тимот на одлични доктори и сестри. За кратко време д-р Сајковски успеа да ја стабилизира состојбата и на Виктор, па така на 21.03.2016 година и Виктор го донесовме дома. Сега бевме комплетни, душата и срцето ни беа исполнети. Продолживме и понатаму да се соочуваме со предизвиците на предвремено родени деца, но под водство на д-р Сајковски и со поддршка на сестра Снежана, успеавме да ги надминеме иницијалните проблеми. А останува да се бориме и понатаму. Голема благодарност, восхит и почит сакаме да дадеме на д-р Ивановски, за несебичната заложба, посветеност и стручност од невозможното да се постигне возможно. На тимот на сестри на Одделот за гинекологија и акушерство, а посебно на сестрите Мартина, Вале и Елена, кои се вложија себеси како луѓе, а потоа и како големи професионалци. Благодарност и наклон кон д-р Сајковски без кого сè уште не можеме, за неговата едуцираност, волја да се помогне и врвен професионализам. Не помалку благодарни сме и кон д-р Душко Фидановски, кој во критичните моменти го покажа на дело своето лидерство и искуство и нè поведе по вистинскиот пат. Д-р Снежана Палчевска и д-р Симонида Спасевска, кои во клучни ситуации многу ни помогнаа. Целиот тим на сестри во Одделот за неонатална интензивна нега, за нивната несебична заложба, да бидат професионални медицински лица, но луѓе пред сè, а особено на сестра Снежана за нејзиното сочувство, искажана љубов кон децата како кога се сака свое дете, професионалност и посветеност. Благодарност и до сестра Весна, која нè научи на многу нешта и нè охрабри да истраеме. Овој тим на професионалци го сочинуваат и сестрите Милена, Мартина и Тина, за кои имаме повеќе од пофални зборови.

Сите вие сте дел од нашето семејство. Ви благодариме неизмерно.

Гордите родители на Виктор и Петра

Соња и Слободан Вукајловиќ