fbpx

Соња Божиновска: Низа испитувања и тажни лица на доктори кои не можеа да откријат зошто во мојава утроба и по неколку обиди не останува да чука уште едно срце

„Д-р Никола Панчевски од болницата 'Аџибадем Систина' во моето семејство го доби епитетот МОЈОТ ДОКТОР. Го чувствуваме како близок член на нашето семејство, но со огромна причина. Мојот доктор е човекот кој придонесе нашите животи да имаат огромна смисла за живеење. Човекот кој на овој свет ми помогна да ги донесеме моите тројца мускетари. Можеби звучи неспектакуларно, но кога би го отворила срцево верувајте има материјал за пишување за буквално дело во неколку тома. Заедничката приказна ни започна во далечната 2005 година. По препорака на мои пријатели дојдов до докторот кој ми ги скрати маките. Го паметам првиот преглед како денес кога ми рече: 'Знам што е проблемот, воопшто немој да се грижиш. Сигурен сум дека за кратко време ќе биде во ред и ќе станеш мајка.' Јас бев изнемоштена. Поминав низ многу непријатни случки, компликации, денови во потрага по излезот од болничките лавиринти, испитувања, тажни лица на доктори кои не можеа да откријат зошто во мојава утроба и по неколку обиди не останува да чука уште едно срце. Не сум медицинско лице за стручно да ја објаснам појавата во која се наоѓав. Но кога поминувам сега низ сеќавањето едно знам, а тоа е дека неговото знаење и стручност (со еден преглед да го детектира проблемот), искуство, човечки однос и смиреност ме спасија од голготата низ која поминував. Ветено, сторено. По интервенцијата за отстранување на проблемот која ја направи д-р Никола Панчевски и тимот на болницата 'Аџибадем Систина', круната во 2006 година ја донесе нашиот прв син Стефан. Но, приказната не го доби својот крај тука. Продолжи и понатаму, но многу поразлична и повесела од претходно. Во 2009 година, Христијан, нашиот втор син дојде на свет, а во 2013 и третото синче Немања донесе радист како трета среќа. Д-р Панчевски ги следеше ситe три бремености, а породувањата беа со царски рез без компликации и повторно благодарение на него. Отсекогаш имав желба за три деца и благодарение на мојот доктор, желбата стана реалност. Речиси две децении поминаа откако препораката на наша блиска личност одигра значајна улога, а довербата уште не бледее. И ако треба некому да се заблагодарам најискрено и од срце, тогаш тоа е мојот доктор кој секогаш ќе остане докторот на кој му верувам. Ти благодариме докторе од срце!" – сподели Соња Божиновска.