Одвоете време за семејството
Во последно време децата сè почесто се „зафатени“ на современата технологија, таблети, компјутер, лап топ, а родителите, пак, изморени од долгочасовната работа речиси не им обрнуваат внимание.
Kомуникацијата е основна алатка за здраво и позитивно функционирање на семејството. Исто така, комуникацијата е од голема важност за врската меѓу парот, родителите и децата, и децата меѓу нив. Комуникацијата е многу повеќе од зборување, таа пред сè подразбира менување идеи, покажување и изразување љубов и топлина и меѓусебно почитување.
Комуникација со децата
Комуникацијата во семејството треба да биде чиста, директна и позитивна. Начинот на кој родителите зборуваат со своите деца се менува со текот на годините. Тонот кој се користи при комуникација со бебе или мало дете се разликува од оној со тинејџер. На пример, бебињата и малите дечиња се поразгалени, а на децата кои имаат 4-5 години треба да им одговарате на безброј „што“ и „како“ прашања, на оние на 9-10 годишна возраст треба да им се поставуваат чисти и јасни прашања. Додека, пак, тинејџерите треба да се чувствуваат покомотно и разбрано за потоа да можат да им се отворат и да им се доверат на своите родители.
Помали дечиња и бебиња
Бебињата се поосетливи на тон и силата на гласот на мајката. Може да се случи бебето да заплаче и да се исплаши доколку мајката погласно каже „не“ или „не може“, но тоа повеќе е резултат на висината на тонот отколку на значењето на зборовите. Затоа, родителите треба да бидат повнимателни со својот тон и височина на гласот. Бебињата и малите дечиња сакаат подолго време да поминуваат во прегратката на своите родители за да се чувствуваат побезбедно и посакано. Прегратката е совршен начин на комуникација за да го уверите детето колку го сакате. Секогаш родителите се адаптираат на возраста на своите деца, зборуваат како нив и се служат со разни песни и мелодии за да им дадат инструкции на децата. Многу често на дечињата им се даваат задачи кои треба да ги направат, но во форма на песнички и мелодии кои им се допаѓаат. Ова е позитивен и функционален метод бидејќи им помага на децата подобро да ги запомнат инструкциите и правилата на интересен начин, со што стануваат поотворени за соработка. Исто така, со цел да им го подобруваат вокабуларот, се препорачува родителите почесто да им зборуваат на своите деца иако понекогаш знаат дека тие не ги разбираат.
Од 5-годишна до преттинејџерска возраст
Децата на училишна возраст поминуваат повеќе време на училиште отколку дома. Затоа, доколку сакате повеќе да комуницирате со нив ќе морате да се потрудите да најдете повеќе време и да вложите повеќе напори за да им посветите квалитетно внимание. Запомнете дека децата на оваа возраст не сакаат да бидат третирани како бебиња, па затоа ќе морате да го смените тонот кога зборувате со нив. Најефективен начин на комуникација со овие деца е директниот и чистиот, без некои отворени прашања и коментари, туку чисти и јасни прашања за тоа како го поминале денот на училиште и дома. Во овој период од животот децата воопшто не се осетливи на силата на вашиот глас туку повеќе обрнуваат внимание на тоа што ќе им кажете. Затоа, потрудете се да не бидете вознемирени и разочарани кога не ви се допаѓаат неговите постапки. Секогаш кога сте горди на вашето дете да му покажете дека му давате поддршка на однесувањето.
Тинејџери
Тинејџерските години се моментите кога вашите деца стануваат позрели и бараат независност. Во овие години тие стануваат поинтровертни и повлечени и тешко им се отвораат на своите родители. Затоа, родителите треба да направат екстра напори и да ги возвишат, да направат да им биде поудобно и да им влеат повеќе самодоверба. Доколку забележите дека вашето дете не го чувствува тоа што го зборува, не го оптоварувајте премногу, туку само потсетете го дека ве интересира како тоа се чувствува. Покажете интерес и дајте им време за сѐ. Стекнувањето доверба кај децата е долг и комплексен процес кој започнува од најраното детство. Д-р Ортаков советува најпрвин да сакате да се обидете да ги разберете нивните чувства пред да ги осудувате или да ги принудувате да разговарате со нив, наместо тие самите да го направат тоа. Поставувајте им прашања и следете ги нивните зборови и гестикулации и одберете го вистинското време да зборувате со нив, во каква ситуација и да се наоѓа, никогаш не напаѓајте го со бура од прашања.
Зошто е битна комуникацијата?
Комуникацијата, не е само размена на зборови, таа подразбира меѓусебно разбирање на чувствата дури и без да се изусти ниту еден збор. А токму ова никако не може да се постигне со седење пред компјутер или со мобилен телефон. Семејната комуникација го учи детето како да комуницира понатаму во животот, вербално и невербално, бидејќи невербалната комуникација е основен аспект во комуникацијата меѓу луѓето и животните.