fbpx

Анемии во детството

Анемија или слабокрвност е најчесто нарушување на крвта. Настанува кога бројот на здравите еритроцити (црвени крвни зрнца) или концентрацијата на хемоглобинот се намалени. Црвените крвни зрнца се создаваат во коскената срцевина и живееат 120 дена. Хемоглобинот е дел од еритоцитот кој е одговорен за транспортот на кислородот до сите ткива и органи.  Намалената концентрација на кислородот во ткивата, хипооксија, е токму причината поради која се јавуваат симптомите кај слабокрвноста. Таа може да се јави изолирана или во склоп на друга болест. Повеќето од симптомите не се забележуваат кај поблагите форми на слабокрвност бидејќи организмот развива компензаторни механизми.  Можат да се откријат само при рутински преглед. 

При секој клинички преглед на детето треба да се внимава на:

  • Бледило на кожата и видливата лигавица
  • Срцебиење
  • Чувство на замор, недостиг на енергија или концентација
  • Главоболка, вртоглавица, посебно при станување
  • Вознемиреност
  • Чувство на недостиг на воздух
  • Нередовен менструален циклус кај девојчиња во пубертет
  • Заостаток во раст и развој

Вредноста на хемоглобинот во различни периоди на детството е различна. Најголема е на раѓање(Хб>150g/l), а потоа постепено опаѓа. На возраст од 2-3 месеци ХБ е околу 100g/l и тоа е физиолошка кондиција која се јавува поради краткиот живот на еритроцитите кај младото доенче и најчесто не бара посебен третман.

Вредности на Хб на различни возрасти:

Хб>100g/l од 1-4 месеци
Хб>105g/l над 5 месеци
Хб>115g/l од 6-15год.

Причините поради кои настануваат анемиите се поделени во 3 главни групи

  1. Несоодветна продукција на еритроцити во коскената срцевина
  2. Зголемена деструкција на еритроцити (инфекции, стрес, лекови, вродени аномалии на еротроцитот..)
  3. Зголемен губиток на крв од телото (акутни и хронични крвавења)

Најчеста форма на анемии во детството е анемија предизвикана од недостиг на железо. Се јавува во периодот на  интензивен раст и развој, најчесто поради несоодветна исхрана сиромашна со железо.  Децата кои во својата исхрана имаат многу малку месо, риба, јајца, зелен зеленчук, а повеќе консумираат млеко, се претенденти да развијат ваков тип слабокрвност.

Затоа кај младите доенчиња треба  внимателно да се воведува немлечната исхрана, со цел да се задоволат нивните калориски потреби, а, сепак, да се внесе адекватна количина железо. Во организмот на новороденото има 0,5гр. вкупно железо. Во организмот на возрасен човек има околу 5гр. Тоа значи дека во периодот на интензивен раст и развој треба да се акумулираат околу 4,5гр. железо или изразено во дневни количини  околу 0,8гр. Ако се земе предвид дека само 10% од внесеното железо се акумулира, тогаш дневната доза е 8гр. За подобра апсорпција на железото битно е и редовно земање витамин Ц или консумација на овошје и зеленчук кои го содржат витаминот во изобилие.

Поблагите форми на овој тип анемија можат да се корегираат со правилен диететски режим. Внесувањето  храна од животинско потекло, посебно месо, а редукција на млекото, особено ако е кравјо, на 500мл/дневно, во голема мера ќе ја корегира анемијата. Во спротивно, потребна е консултација со вашиот педијатар, за клинички преглед и лабораториски анализи на крвта. Секое посериозно отстапување заслужува корекција со препарати на железо, кои најчесто се даваат во форма на сируп.

Секоја подолготрајна анемија бара подлабоко и подетално иследување на причините и карактерот на болеста. Затоа ако вашето дете има долготрајна анемија која се одразува на неговиот раст и развој, консултирајте се со детски хематолог.