По 83 дена интензивна нега, Марија замина дома

Родена во 29. недела од бременоста со само 790 грама, Марија беше изложена на сите предизвици и ризици по здравјето со кои може да се соочат предвремено родените деца. По раѓањето, нејзиниот живот беше препуштен во рацете на медицинскиот тим на Одделот за интензивна нега на чело со д-р Душко Фидановски. По долга и неизвесна борба, која траеше 83 дена, Марија созреа доволно за да може да си замине дома. Овој ден долго го чекаа Кристина и Дарко. Како и вообичаено, дојдоа во болницата и си заминаа дома, но овој пат заедно со нивната Марија.

„Чувствувавме голема возбуда, едвај ја чекавме Марија дома. До сега за неа се грижеше цел тим од „Аџибадем Систина“, а од денеска тоа ќе го правиме јас и Дарко. Но, безгрижни сме бидејќи знаеме дека постојано имаме кому да се јавиме. Тука е нашиот тим на сестри од Одделот за неонатална интензивна нега кои беа постојано тука со нас и остануваат нашата главна поддршка“, вели Кристина.
Изминативе 83 дена, Кристина и Дарко поминаа тежок период. Одделени од своето дете, но, сепак, доволно храбри за да ѝ ја дадат потребната сила и поддршка на Марија. А тие, пак, својата сила ја добиваа од довербата која во нив ја влеваше посветеноста и професионалноста на д-р Фидановски и целиот тим кој се грижеше за Марија.

„Немам зборови со кои можам да ја искажам мојата благодарност до сите вас. Почнувајќи од д-р Слободан Лазаревски од Одделот за ИВФ, д-р Душко Фидановски и целиот тим доктори и сестри од Одделот за неонатална интензивна нега. Сите беа премногу посветени во грижата за Марија, таа тука порасна благодарение на заложбата на секој од нив. Изминатиов период ние станавме едно големо семејство. Никогаш нема да го заборавам тоа што го направивте за мојата Марија“, со возбуда Кристина го сподели искуството од Аџибадем Систина.

Кристина остави прекрасен подарок за Одделот на неонатална интензивна нега, фотографии од најважните моменти од престојот на Марија заедно со нејзиното прво боди. Овој драг подарок ќе остане како траен спомен за уште една успешна приказна, за уште една добиена битка со која се гордееме.
https://acibademsistinababy.spine.mk/6-nedela/34-majkite-raskazaa/608-marija-kokalanski#sigFreeIdd641a5af78
