Стравот од болката во текот на породувањето ја прогонува речиси секоја бремена жена дури и од самиот почеток на бременоста. Со години родилките биле препуштени сами на себе, ги толерирале родилните болки. Долг временски период преовладувало мислењето дека радоста по раѓањето на детето сама по себе ќе биде доволна за мајката да го заборави страдањето во текот на породувањето.
Но, денес е научно докажано дека пролонгираниот и интензивно болниот процес на породување може да има голем број несакани ефекти, како врз мајката така и врз новороденчето. Се смета дека една од причините за постпородилна депресија кај мајката е токму интензивното и пролонгирано страдање на жената во текот на породувањето, без третман на родилните болки.
1. Зошто се јавуваат родилните болки?
Кога почнува процесот на породување доаѓа до јаки контракции на матката, кои имаат за цел ширење на грлото на матката и избуткување на новороденчето во надворешниот свет преку родилните канали. Значи, болките потекнуваат од јаките контракции на матката, но и од околните ткива и органи, кои се растегнуваат и притискаат под дејство на контракциите на матката и движењето на плодот низ родилните канали.
2. Дали се родилните болки навистина јаки?
Најчесто се работи за многу јаки болки, кои можат да се споредат дури и со болките при скршеници на коски. Толеранцијата на болка е субјективна и различна кај секоја жена затоа некои жени можат, а други, пак, воопшто не можат да ги поднесат родилните болки. Обично, болката и вознемиреноста се најјаки кај прворотките.
3. Кои се можностите за обезболување (аналгезија) на процесот на породувањето?
Постојат повеќе опции за аналгезија:
• Психофизичка подготовка (т.н. Ламазе техники) - се работи за вежби и техники на релаксација и дишење кои ќе ви помогнат во определена мерка за полесно да го поминете процесот на породувањето.
• Лекови против болка - постојат повеќе лекови кои можат да се дадат во текот на породувањето со цел да се намали болката и кои генерално се сметаат за безбедни и за родилката и за бебето. Иако не можат да обезбедат целосно обезболување, тие можат значително да ја намалат болката со релативно малку несакани ефекти.
• Епидурална и спинална аналгезија - стандардни техники на обезболување на раѓањето. Ги спроведува специјалист-анестезиолог. Со употреба на локални анестетици и/или наркотични лекови, се анестезираат спиналните нерви и се постигнува аналгезија - обезболување при процесот на породувањето.