fbpx

Постојат бројни деформитети на стапалата, некои се само естетски, а некои функционални и анатомски, кои може да предизвикуваат цела низа проблеми, но секако најчестиот проблем се рамните стапала. Со развојот на цивилизацијата се` поголем број деца се со рамни стапала, а причина за тоа е намаленото движење.

     Кога лице што има рамни стапала застанува на нозе, лакот на средината на стапалото исчезнува и изгледа дека целото лежи на подлогата. Во медицината рамните стапала ги нарекуваме pedes plani, а кај народот и дустабан (турски : dus – рамен, taban – стапало).

Рамни стапала – најчест деформитет

     Има три типа на рамни стапала од што зависи и начинот на третман:

1.Флексибилни или хипермобилни рамни стапала: повеќето деца го имаат овој тип. Ова не е болна состојба, не прави нарушувања во одот, ги зафаќа обете стапала и не бара третман.

     Овој тип на рамни стапала го среќаваме кај бебињата и кај децата до 9 години поради масното перниче што го имаат бебињата, мускулната лабавост и поголемата еластичност на структурите што се во формирање. Кај возрасните овој тип на рамни стапала се јавува поради намалување на мускулниот тонус, зголемената телесна тежина (што може да биде случај и кај  трудници), попуштање на структурите со тек на годините, повреда, носење несоодветни чевли или одредено заболување, на пример, ревматоиден артритис.

2.Флексибилни рамни стапала со скратување на Ахиловата тетива - обично ги зафаќа двете стапала, предизвикува болка и отежнат од, потешко се дијагностицира кај многу мали деца.

3.Ригидниот тип на рамни стапала е најредок тип и се сретнува кај луѓе што имаат проблем со коскената структура на стапалото, т. е. сраснување на некоја од коските на стапалото.

     Овој тип на рамни стапала се сретнува кај 1-2 отсто од луѓето. Кај нив постои сраснување на помали ковчиња на стапалото. Оваа состојбата е наследна, но не е следена со други деформитети. Една четвртина од овие луѓе имаат болка и деформитет на стапалото, што предизвикува проблеми со одот и потреба од третман, а од нив половина имаат потреба само од нехируршки третман. Кај 50 отсто од пациентите со ваков тип деформитетот се среќава и на двете стапала.

Рамни стапала кај деца - една од најчестите причини за посета на лекар  

      Речиси сите бебиња имаат рамни стапала, што се должи на лабавост на структурите, постоење масно перниче од внатрешната страна на стапалото, кое визуелно го израмнува лакот на стапалото. Со тек на растот (во првата деценија од животот) структурите на стапалата спонтано правилно се формираат, но кај околу 20 отсто од возрасните се задржува првобитниот облик на рамно стапалото.  

Симптоми и дијагноза на рамни стапала кај деца

       Кога детето ќе застане на прсти или слободно ќе ги пушти нозете да висат од високо столче или кревет, се појавува лак на стапалото, што е случај кај флексибилниот тип на рамни стапала, но не и кај ригидниот тип. Овие деца отежнато застануваат на прсти, може да имаат болка на одделни зони  на стапалата (зони на оптоварување: како петицата, лакот на стапалото), но не и на целото стапало. При преоптоварување овие деца може да се пожалат на оток и/или болка на скокалните и на колените зглобови. Кога е нагласен степенот на зарамнетост на стапалата, за да се одржи балансот на телото, скокалните зглобови и колената се ориентираат кон внатре, со што се нарушува нормалната оска на оптоварување на долните екстремитети.

     Од овие причини кај децата внимателно се прегледуваат стапалото и скокалниот зглоб, како и нивната мобилност, состојбата на тетивниот и на лигаментарниот апарат, но и должината на екстремитетите, подвижноста на  колковите и на колената.

       При постојана болка во стапалата кај овие деца потребно е да се направи рендген-снимка или компјутерска томографија на стапалата.

Видови третмани во лекување на рамни стапала

- Не е потребно кај деца што имаат флексибилен деформитет и немаат болка;

- Лекување е потребно кај деца што имаат изразен и нефлексибилен деформитет и/или болка, како и кај деца со флексибилни рамни стапала и  со болка по понагласена физичка активност, а секако и кај деца со флексибилни рамни стапала и со скратена Ахилова тетива.

     Нехируршки третман – се препорачуваат ортопедски влошки (силиконски или кожени) достапни во секоја специјализирана продавница за ортопедски помагала или подобро снабдена аптека. Се препорачуваат и вежби за стапалата, кои се изведуваат со специјално дизајнирани помагала. Треба да се нагласи дека кај возрасни пациенти со рамни стапала влошките не лекуваат, но може во голема мера да ги намалат тегобите. Кај оваа група пациенти намалувањето на телесната тежина може да даде многу значајно намалување на тегобите. Во многу ретки случаи при лекувањето може да биде препорачано мирување, аналгетска терапија или некаква форма на имобилизација.

       Хируршки третман – се изведува кај деца до 9 години и може да биде мекоткивна или коскена интервенција. 

Најчести грешки на родителите

     До појава на рамни стапала најчесто доаѓа по оптоварување кое стапалото не може да ги прифати, особено во критичните периоди на развој на детето поради грешка на родителите.

- Првата грешка што ја прават родителите е кога детето, кое с` уште не е подготвено за стоење, го учат да оди.

- Вториот момент е во пубертетот кога забрзаниот раст на коските не е проследен со соодветна мускулна маса. Истовремено се случуваат и бурни хормонски промени, па секое дополнително оптоварување (зголемена телесна тежина или тежината од ранецот со книги) може да доведе до создавање рамни стапала.

Босоного дете

     Во летниот период ослободете го детето од обувки. Пуштете го да оди босо по трева, на песок. Поттикнете го да се движи повеќе, особено по нерамни површини, да трча, скока и на тој начин ќе ги зацврсти нозете и мускулите на стапалото. Така кај вашето дете ќе превенирате развој на рамни стапала.