Сигурна бременост по 35 година
Водич за сигурна и безбeдна бременост по 35. година
Една поговорка вели „годините не се ништо освен бројки“. Но, кога станува збор за здрава бременост, тогаш бројките воопшто не треба да се занемарат. Како и да е, најголемиот број здрави жени кои забремениле во 35. година, па дури и во својата 40. имаат здрави деца. Тоа не значи дека треба да се опуштите и да не ги преземете важните чекори.
Ризици од бременост по 35. година.
Оваа група трудници треба да биде во постојан контакт со доктор поради големиот број проблеми со кои би можеле да се соочат. Едни од најчестите проблеми се гестацискиот дијабетес и прееклампсијата, состојба која предизвикува зголемен крвен притисок и протеини во урината. За време на пренаталниот период вашиот доктор ќе го проверува крвниот притисок, ќе ги испитува протеините и шеќерите во урината, како и нивоата на гликоза во крвта. На овој начин, сите потенцијални ризици ќе бидат откриени навреме, а со тоа истите рано ќе се третираат.
Амниоцентеза
Амниоцентезата се прави меѓу 16. и 19. недела од бременоста. Амниоцентезата е интервенција при која гинекологот под контрола на ултразвук зема одредена количина плодова вода која потоа се испраќа во цитогенетска лабораторија на анализа. Постапката не е болна, а трудниците ја опишуваат како непријатна. Со анализа на бројот и структурата на хромозомите се добиваат информации дали бебето има хромозомски нарушувања. Станува збор за специјален пренатален тест кој може да помогне во откривањето на одредени малформации кај детето, на пример Даунов синдром.
Пренатална грижа во првите 12 недели
Првите 12 недели од бременоста се многу важни за здравјето на вашето бебе. Навремената и редовна пренатална грижа ги зголемува шансите да имате безбедно породување и здраво бебе. Пренаталната грижа вклучува редовни гинеколошки прегледи, тестови и испитувања, едукација за здрава бременост и здраво бебе, како и редовно советување од специјалист по гинекологија и акушерство.
Задолжителни витамини
Сите бремени секој ден треба да земаат пренатални витамини кои содржат околу 400 микрограми фолна киселина. Секојдневното земање доволно количество фолна киселина во првите три месеци од бременоста помага во спречувањето на дефектите на мозокот и ’рбетниот столб на бебето. Под овој ризик повеќе подлежат повозрасните трудници, па затоа редовниот внес на фолна киселина е од посебна важност за нив и нивните бебиња.
Здрави заби за здрава бременост
Колку вие сте поздрави толку е поздраво вашето бебе. Во текот на бременоста многу е битно редовно да посетувате стоматолог. Здравите заби и непца го намалуваат ризикот од предвремено породување.
Разновидна исхрана
Многу важен фактор за здрава бременост е разновидната исхрана. На тој начин на вашиот организам му ги овозможувате сите хранливи материи кои му се потребни. Јадете овошје и зеленчук во изобилство, зрнести растенија, грав и нискокалорични производи. Секојдневно внесувајте млечни производи и храна богата со калциум. На тој начин ќе ги одржите здрави вашите коски и заби додека се развива бебето. Вклучете ја фолната киселина преку внесување на сите видови зелена салата, сушен грав и боранија и некои цитрусни овошја.
Одржувајте ја препорачаната телесна тежина
Жените со нормален индекс на телесна маса ја зголемуваат својата тежина од 11 до 16 килограми, додека оние кои биле потешки од нормалното пред бременоста треба да се задржат на 7 до 10 килограми. Жените кои имале прекумерна тежина пред да забременат не смеат да качат повеќе од 10 килограми за време на бременоста. Одржувањето на телесната тежина за време на бременоста го намалува ризикот од предвремено породување и какви било пречки во развојот на бебето. Исто така, се намалува и ризикот од појава на проблеми во бременоста од типот на гестациски дијабетес и висок крвен притисок.
Редовно вежбање
Редовното вежбање ви помага да ја регулирате посакуваната тежина, ве одржува во здрава форма и ви го намалува стресот. Сè што треба да направите е да се консултирате со вашиот доктор околу вежбите кои смеете да ги правите и кои ќе ви бидат најкорисни.
Веднаш престанете да пушите и да пиете алкохол!
Како сите бремени жени така и вие треба да престанете да пушите и да пиете алкохол за време на бременоста. Пиењето алкохол ги зголемува ризиците за многу ментални и физички нарушувања кај вашето бебе. Пушењето, пак, го зголемува ризикот од предвремено породување или раѓање на нецелосно развиено бебе. Овие ризици се далеку поголеми кај повозрасните трудниците. Пушењето, исто така, може да предизвика прееклампсија.
Задолжително консултирајте се со докторот за тоа кои лекови можете да ги земате за време на бременоста и периодот на доење на бебето. Ова подразбира земање лекови со рецепт, без рецепт, додатоци или природни лекови.