Бременост со оперирано грло на матка
Промените на грлото на матката се потврдуваат со земање на биопсија и хистолошка анализа. Постојат реверзибилни промени (познати како ЦИН 1 и ЦИН 2) и иреверзибилни (познати као ЦИН 3 и карцином ин ситу). Секогаш кога имаме наод во прилог на иреверзибилни промени, мора да се отстрани дел од грлото на матката. Од исклучителна важност е оперативната техника која ќе се употреби. Современи пристапи се електро-ексцизии и конизација со ултразвучен скалпел, додека класичната конизација е техника која е напуштена.
Дали потоа жената може без проблем да забремени?
Гинеколозите советуваат извесен временски период по интервенцијата да не забременува. Откако ќе се направат постоперативните контроли, нема никаков проблем жената да забремени, се разбира доколку интервенцијата е направена коректно и доколку не постои некој друг проблем кој е причина за неплодност.
Постои ли ризик во бременоста кај трудниците кои го оперирале грлото на матката?
При самата операција, гинекологот треба да биде максимално штедлив, односно да отстрани што е можно помал дел од грлото на матаката. Во тој случај, нема зголемен ризик во бременоста. Но, доколку е отстранет голем дел од грлото на матката или речиси целото, тоа значи дека ќе биде нарушена функцијата на грлото на матката во тек на бременост, што резултира со спонтани абортуси во вториот триместар, предвремено прскање на воденикот и предвремено породување. Или заедничко за сите овие компликации би било губење на плодот, односно неуспешна бременост. Ваквите исходи предизвикуваат вознемиреност и разочараност кај брачните партнери.
Трансабдоминален серклаж
На пациентките кои имаат ваков проблем, им се препорачува новата метода трансабдоминален серклаж. Интервенцијата се изведува или со лапароскопски пристап или со класично отворање на стомакот. Целта на оваа интервенција е да се постави нересорптивна трака на делот каде се спојуваат грлото на матката (кое недостасува) и самата матка. На тој начин се креира потпора со која се превенираат компликациите, односно се обезбедуваат услови за успешна бременост со која добиваме доносено новородено, подготвено за живот вон матката.
Зошто се препорачува?
Оваа интервенција се препорачува кај жени на кои им недостасува грлото на матката или кои имаат сосема мал дел од грлото на матката. Всушност, и главната разлика во однос на вагиналниот серклаж е дека нема ткиво од грлото на матката за да се постави вагинален серклаж, или потпора по вагинален пат. Трудниците кои имаат анатомски нормално грло на матката се следат и контролираат во текот на бременоста. Бременоста е динамичен процес и доколку попушти функцијата на грлото, односно почне отворање или скратување на истото, тогаш треба да се направи серклаж по вагинален пат. Трансабдомионалниот серклаж е единствено решение за оние жени кои немаат грло на матката.
Кога се препорачува?
Освен кај оперирани жени од грло на матка, оваа интервенција се препорачува и кај жени кои претходно имале неуспешни бремености, и покрај тоа што бил направен вагинален серклаж, еднаш или повеќекратно. Тоа значи дека кај нив се случува нешто што докрај не е разјаснето, а е поврзано со квалитетот на ткивото на грлото на матката. Ова се многу ретки случаи.
Кога се изведува и постои ли ризик за плодот?
Најдобро е интервенцијата да се направи кога жената не е бремена, исклучително во првите неколку недели, но никако по 11-та недела од бременоста. Се препорачува лапароскопскиот пристап кој има предност, заради пократкото време на хоспитализација и опоравување. Во минатото имаше многу компликации, но денес работите се многу јасни и оваа интервенција е безбедна и по жената, но и по фетусот.