Зошто се јавуваат грчеви од висока температура
Фебрилните конвулзии или кај народот познати како грчеви предизвикани од висока температура претставуваат едно од најчестите невролошки нарушувања кај децата. Тие се чести кај деца во претшколска возраст, со симптоми слични на епилептичните напади. Поради времетраењето на симптомите, кои имаат драматична слика, предизвикуваат страв и паника кај родителите.
Фебрилните конвлузии се јавуваат како реакција на мозокот при нагло и брзо покачување на телесната температура во интервал од 38,5 до 39,5 степени. Се јавуваат кај деца на возраст од 6 месеци до 6 години. Може да траат од неколку секунди до 20 минути, најчесто од 1 до 2 минути. Постојат повеќе ризик-фактори што доведуваат до појава на фебрилни конвлузии кај децата, а некои од нив се: наследен фактор, пушење на мајката во текот на бременоста и ниска родилна тежина. Причините за ваквата состојба се уште не се познати, но се претпоставува дека се работи за ниска толеранција на телото на зголемена телесна температура, како и поради неразвиен систем за терморегулација.
Симптоми со драматична слика
Клиничката слика на фебрилните конвлузии е драматична и фрустрирачка за секој родител. Се јавува во текот на првото нагло покачување на телесната температура. Детето го фиксира погледот на една страна, губи свест и се тресе со екстремитетите (рацете и нозете)и најчесто се јавува сина боја на усните. Во ваквите напади има и епизоди во кои детето не дише. Најчести напади се grand-mal за кои се карактеристични две фази. Во првата фаза детето се вкочанува и испушта вресок бидејќи вдишува низ згрчени мускули на грлото, може да дојде и до губиток на свест. Во втората фаза се јавуваат бавни ритмички тресења на мускулите. По нападот, доаѓа до релаксирање на сите мускули вклучувајќи ги и сфинктерите, при што може да се случи детето да се измоча или покака. Поретки се т.н. парцијални фебрилни конвлузии каде што се јавува тресење на еден дел од телото.
Останете присебни и помогнете му на вашето дете
Кога вашето дете ќе добие фебрилна конвулзија, најважно е да останете присебни. Легнете го удобно на креветот и внимателно запомнете ги симптомите и времетраењето, кои ќе му бидат од корист на лекарот при поставувањето дијагноза и при давањето третман. Главата на детето свртете ја на страна за плунката да излегува од уста за да се спречи излевање во дишните патишта и голтање на јазикот. Во овие моменти терапија на прв избор е во анусот на детето да му ставите чепче против висока температура. Веднаш однесете го детето на лекар. Никогаш немојте да го тресете детето, не ставајте му ништо в уста и не полевајте го со вода.
Дијагноза на фебрилни конвлузии
При секоја појава на фебрилни конвлузии кај вашето дете задолжително консултирајте лекар за да се исклучат инфекции на централниот нервен систем. Неопходно е да се направат одредени испитувања како што се: детаљна анамнеза, невропедијатриски преглед, лабораториски анализи и други прегледи ако се потребни. Доколку постои сомневање за инфекција, се прави лумбална пункција, особено ако детето е помало од една година и не е позната причината за фебрилната состојба.
Прогноза
Фебрилните конвлузии најчесто се без последици за здравјето на детето. Досега не постојат докази дека ваквата состојба може да предизвика трајни оштетувања на мозокот. Само кај одреден број деца по комплицирани фебрилни конвлузии може да се јават последици во вид на епилепсија.