Состојби кај бебињата кои прават паника кај новите родители
- ОБИЧНАТА НАСТИНКА не секогаш е обична и треба да се занемари. Во првите две години поголемиот број деца ќе имаат неколку настинки, со течење од носот, кивање, намален апетит, кашлица или болка во грлото.
- СВИРЕЊЕ ВО ГРАДИТЕ. Сé што свири во градите не е астма! Кај доенчиња, свирењето во градите придружено со забрзано дишење е многу почесто симптом на бронхиолитис, инфекција која доведува до воспаление на малите дишни патишта во белодробието.Најчесто станува збор за вирусна инфекција. Во потешки случаеви, кај кои значително е отежнато дишењето на бебето, доаѓа до појава на цијаноза со помодрување околу устата и на врвовите од прстите при што неопходно е болничко лекување.
- ВОСПАЛЕНИЕ НА СРЕДНОТО УВО е состојба која во просек се јавува еднаш кај две третини од децата до 2-годишна возраст. Ако не се лекува може да доведе до губиток или намалување на слухот. Јавете се кај педијатар.
- ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА ги истоштува децата и вознемирува родителите. Сепак, тоа е знак дека започнала одбраната на организмот од заканувачкиот агенс т.е. дека се активирал имуниот систем во детскиот организам.Затоа не избрзувајте со давање лекови кога се јавува покачена температура. Поголемо внимание треба да се обрне кога станува збор за новороденче со покачена температура со оглед на неразвиениот имун систем кај нив и огромната склоност кон инфекции. Ако температурата кај нив е повисока од 38 степени, се наметнува потреба од лекарски надзор. Кај доенчињата и малите деца температура повисока од 38.5 С која трае повеќе од два -три дена е исто така причина за посета кај педијатар.
- ПОВРАЌАЊЕ. Најчестата причина за повраќање кај малите деца е вирусна цревна инфекција. Но, повраќањето може да биде симптом и на посериозни заболувања како што се пневмонија, менингитис или воспаление на слепото црево. Знаците за тревога се: повраќање придружено со главоболка, или повраќање кое трае повеќе од 24 часа, како и стомачна болка или појава на крв во повратената маса. Повеќето епизоди на повраќање ќе престанат сами од себе, но во одредени случаеви детето треба внимателно да се пои со течности за да се избегне дехидратација.
- ДЕХИРАТАЦИЈАТА се одликува со сува кожа и слузници, испукани усни, вознемиреност и истоштеност. Во таков случај на децата треба да им се дадат раствори за рехидратација, кои содржат избалансирани количества сол, шеќер и минерали. За најголема успешност течноста треба да се дава постепено за да се избегне повторно повраќање поради надразнетиот желудник. Дехидратацијата е опасна состојба, поради тоа што кога е силно изразена може да доведе до нарушена работа на бубрезите, шок, па дури и смрт: тешките случаи треба да се хоспитализираат за интравенозно рехидрирање.
- ПРОЛИВОТ е најчест симптом при вирусна цревна инфекција во детска возраст. Обично престанува сам од себе за неколку дена. Доколку е поизразен или, пак, придружен со повраќање, фебрилност може да доведе до дехидратација. Во тие случаеви покрај пробиотици неопходно е и рехидрирање на детскиот организам. Во случаеви кога проливот трае повеќе од два -три дена, и/или доколку се јават голем број столици, јавете се кај педијатар.
- ДЕРМАТИТИС- често присутен во доенечкиот период , особено во т.н „предел на пелените“. Причината е постојан контакт со отпадните екскрети ( урина и измет), како и самиот материјал од кој се направени пелените. Затоа и најмала грешка во негата на кожата во доенечкиот период води до воспаление на кожата во тој предел. Практично, нема доенче кое барем еднаш во својот живот додека ги носи пелените не добило умерено воспаление на кожата во тој реон. Ова воспаление се нарекува дерматитис. Се карактеризира со црвенило на кожата, а ако не се спроведе соодветен третман доаѓа до појава на ерозии на кожата кои печат и болат. Вака оштетената кожа е подложна на секундарни инфекции од габички или бактерии. Можна е појава на гнојна инфекција на кожата која се карактеризира со мозолчиња кои се црвени и чешаат, создаваат красти и е честа е кај деца до две години. Општо земено, осипите кај децата се ретко опасни, освен ако не се работи за алергија или осип придружен со висока температура и тогаш тие се причина за посета кај педијатар.
- ПАЃАЊЕ на бебе или мало дете од висина поголема од висина на креветот треба да биде секогаш проследено со внимание. Повраќање кое не престанува, вртоглавица и несигурно одење, како и промена на свеста, поспаност укажуваат на повреда на мозокот и бараат итен медицински надзор.
- ПРЕДОЦНА ОДИ, ЗБОРУВА, ПРЕБАВНО РАСТЕ. Некои задоцнувања во развојот на детето се едноставно резултат на единствениот образец по кој се развива вашето дете, и доколку тоа не заостанува многу зад своите врсници не би требало да биде причина за грижа.
- СТОМАЧНИ ГРЧЕВИ. Постојат повеќе причини за нивна појава. Обично се јавуваат во ист временски период во текот на денот. Детето интензивно плаче и не се смирува со давање млеко. Вообичаено има гасови и по нивно испуштање доаѓа до смирување на болката.
Решение:
Ако бебето е на слободно доење:
- Мајката да води сметка за нејзината исхрана. Имено, одредена храна и пијалаци ( газирани пијалаци, кафе во поголема количина, чоколади, зачинета храна..) може да доведе до појава на грчеви кај бебето. Со нивно одбегнување се редуцираат грчевите.
-Ако бебето цица истовремено од двете дојки, најдобро е прво да ја испразни едната дојка, а потоа да му се понуди другата дојка. Кај бебиња кои цицаат брзо и лакомо да се внимава од поголемо голтање воздух кое често е причина за надуеност и абдоминални колики.
Елиминирајте го пушењето во околината на бебто, а, секако, и мајката да го одбегнува пушењето
Поставете затоплена пелена околу стомакот на бебето
Искапете го во топла вода
Поставете го бебето да лежи на стомак
Одбегнувајте преоптоварување на стомакот на бебето
Вежбајте со нозете на бебето како да вози велосипед
Дајте му чај од корморача и некој од капките за редуцирање на абдоминалните грчеви.