fbpx

Што треба жените да знаат за ПАП-тестот?

Папаниколау (ПАП) тестот е едноставен и безболен метод со кој се зема материјал од грлото на матката и вагиналниот свод, истиот се нанесува на цитолошко стакленце, се фиксира и потоа се бои. Со микроскопска анализа на клетките можат да се откријат воспаленија, нивни предизвикувачи, бенигни и малигни клетки и други цитолошки промени. Со откривање на атипичните клетки на грлото на матката  се овозможува рана дијагноза и навремено лекување на премалигните промени, кои во спротивно би го загрозиле здравјето и животот на жената. 

Зошто е потребен и колку често се прави?

Со овој тест може да се откријат раните знаци на карциномот на грло на матка, а доколку се открие на време третманот е поедноставен и возможен. Исто така, се откриваат и инфекции кои предизвикуваат дискомфор кај жената и понекогаш имитираат промени на клетки од прв степен. По лечењето на инфекцијата најчесто контролниот ПАП-тест е уреден. Многу е важно сите жени да прават ПАП-тест како дел од нивниот рутински гинеколошки преглед. Честотата на правење тестови зависи од возраста и резултатите од претходниот ПАП-тест. Се препорачува да почнете со ПАП-тест веднаш штом ќе станете сексуално активни и доколку нема ризик-фактори истиот да го правите еднаш годишно.

Како се прави ПАП-тест?

Посетата на гинеколог треба да биде околу 10 до 20 дена по првиот ден од циклусот. Најмалку 2 дена пред посетата на гинекологот не треба да се користат вагинални креми, лекарства, тампони, пудри или дезодоранси, ниту, пак, да се има сексуален однос. Прегледот е безболен, но за некои жени е непријатен момент. Гинекологот, со четкичка или со шпатула, ги собира одлупените клетки од грлото на матката и ги размачкува на предметно стакло. Стаклото се става во фиксатив и така подготвено се испраќа во цитопатолошката лабораторија. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина" резултатот е готов за 2-3 дена.

Што значи "позитивен" ПАП-тест и дали се можни грешки?

Застрашувачки е податокот дека ПАП-тестот покажува отстапувања од нормалниот наод. Ова не значи дека пациентката има карцином на грлото на матката. Атипични клетки се оние кои отстапуваат од нормалните и може да се резултат на воспалителен процес, хормонски статус на жената, постоечки системски заболувања и др. Наодот на атипични клетки значи дека нешто се случува во слузницата на грлото на матката и дека е потребна подетална анализа која ќе ја расчисти дилемата. Грешки се можни ако нема доволно клетки во размаската, ако препаратот не е соодветно обработен, но и  од искуството на гинекологот кој го зема брисот и цитопатологот кој го анализира истиот.

Што се случува ако ПАП-тестот е позитивен?

При позитивен ПАП-тест (CIN 1, CIN 2, CIN3, CIS, ASC-US, AGUS) се препорачуваат следните испитувања:

-колпоскопија;

-ендоцервикална киретажа;

-биопсија на грлото на матката;

Резултатот од ПАП-тестот се покажал "лажно позитивен"?!

ПАП-тестот не значи и 100% сигурност. Може да се случат и лажно позитивни и лажно негативни резултати. Ова е многу збунувачки. Лажно позитивен тест е ако ПАП-тестот бил позитивен, а по направената биопсија или киретажа се покажало дека ткивото на слузницата на грлото на матката е сосема в ред или има некој воспалителен процес. Позагрижувачки е фактот на лажно негативниот ПАП-тест. Тоа значи дека клетките се протолкувани како нормални, а вистинскиот процес не е евидентиран. Ова најчесто се случува поради неадекватно земен материјал од страна на гинекологот или поради несоодветно познавање на промените од страна на цитопатологот. За среќа, и ако постои некој процес, при следниот ПАП-тест, за 4-6 месеци тој ќе се покаже, а за тој временски период процесот нема можност многу да се развие.