Д-р Катерина Обочки: Антибиотиците не делуваат при грип кај децата
Зимата е период кога граѓаните се подложни на настинка и грип. Најпогодена група од популацијата кај која се појавуваат симптоми на грип се децата. Првата станица каде треба да се обратите се лекарите, кои ќе ви објаснат за симптомите и начините на лекување, а ќе ви дадат и совети за превенција и заштита од ширење грип. На оваа тема разговараме со доктор Катерина Обочки, педијатар, пулмоалерголог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Во последниот период актуелeн е грипот. Согласно вашите информации, каква е состојбата во моментов и како ќе се развива во претстојниот период?
Д-р Катерина Обочки: Зимата е период на ниски температури, периодот од ноември до април е период кога вирусот на грипот едноставно живее со сите нас. Грип можеме да фатиме повеќепати во тек на споменатите месеци бидејќи грипот има кратка инкубација, по завршување на инфекцијата грипот не дава траен имунитет. Немањето колективен имунитет за грип се должи на експозиција на различни типови вирус секоја зима. Инфлуенца вирусот постојано мутира, поради што постојано е непознат за нашиот имун систем и секоја година е лесно приемчив за детскиот и возрасниот организам.
Каде живее вирусот и како се пренесува?
Д-р Катерина Обочки: Вирусот живее во слузницата на носот и грлото. Кратко време може да живее на кваките од вратите, пенкалата, телефоните, приборот за хранење, играчките. Начинот на пренесувањето е директен и индиректен.
Директен: преку секретите во нос, очи, уста, преку допир.
Индиректен: играчки, кваки, кивање, кашлање, прибор за хранење.
Децата се посебно ризична категорија. Кажете ни нешто повеќе околу тоа.
Д-р Катерина Обочки: Децата се заразни 24 часа пред почетокот на симптомите и за цело време додека траат истите.
Компликациите на болеста се синусити, инфекции на ушите, пневмонии, се има впечаток дека според актуелната епидемиолошка состојба оваа година, вирусот има неуротропен ефект.
Секое дете кое е под 2-годишна возраст, а има компликација од грип, заслужува болничко опсервирање. Болнички се лекуваат децата кои имаат тешко дишење,симптоми на дехидратација, помали од 3 месеци,конвулзии.
Какви видови грип постојат и кои се најзастапени кај нас?
Д-р Катерина Обочки: Постојат четири типа грип, односно инфлуенца А, Б Ц и Д, кај нас оваа сезона во 90 % доминира инфлуенца А, последните денови се појавуваат и изолати на инфлуенца Б.
Хуманиот инфлуенца А и Б се вируси кои предизвикуваат сезонски епидемии секоја зима.
Инфлуенца А е високо контагиозна болест.
Симптомите на вирусот зависат од возраста, во основа доминира температура, која трае од 4 до 8 дена, треска, главоболка, болка во мускулите, замор,послаб внес на храна и течности, сува кашлица, која е долготрајна, минимум десетина дена.
На кратко, кои совети ќе ги дадете за децата кога е во прашање грипот?
Д-р Катерина Обочки: Насоките за лекување се да остане детето во домот, да прима доволно течности, оброци во мали количини, собна температура не повисока од 20 степени. Терапија за болка или температура—парацетамол или бруфен, кај одреден процент на деца е потребно да се даде антивирален лек, кој се дава првите 2-3 дена од почетокот на фебрилната болест, за да има полн клинички ефект. Антибиотиците не делуваат! Не давајте сирупи за кашлица кај деца помали од 4 години.
На запад има јасни препораки околу заштитата на децата од грип, односно вакцинацијата на децата. Секое дете од 6. месец до осмата година секоја година еднаш во пред сезоната на грип добива вакцина во вид на назален спреј - се работи за здрави деца кои немаат никакви хронични потешкотии.
Кај нас мерките на заштита се: изолација на детето во услови на домот, тоа значи да не се оди болен во училиште или во градинка, миење раце.
Актуелни се алергиите, каква е состојбата со нив? Има ли начин да се заштитите од алергиите?
Д-р Катерина Обочки: Актуелно алергии нема - полените спијат длабоко во земјата и под снегот, но децата со сензитивно дишно стебло, атописка конституција, поинаку реагираат на вирусните инфекти од другите деца, едноставно нивното дишно стебло и вирусите ги сместува во групата на алергени.
Не можеме да го одминеме и загадувањето. Какво е неговото влијание на здравјето и што треба да преземаат граѓаните во таа насока?
Д-р Катерина Обочки: Загадениот воздух е проблем за сите не само за децата. Загадениот воздух е силно асоциран сам по себе со многу почести респираторни инфекции. Загадениот воздух ги влошува симптомите на децата со хронични респираторни болести.