„Напади“ на чешање, црвенило и сува кожа – трите знаци на атопискиот дерматит
Атописки дерматитис (егзема) е состојба која ја прави кожата црвена и воспалена. Најчеста е кај децата, но може да се јави на која било возраст. Освен естетски изглед на кожата, фактор кој најмногу го нарушува квалитетот на живот е чешањето. Карактеристични се периоди на „напади“ на чешање, а типично е и ноќно влошување на кожата, кое кулминира околу 3-4 h наутро. Поради тоа и малите и големите пациенти имаат проблем, ненаспаност и замор кои дополнително ја влошуваат клиничката слика.
Карактеристики на атопискиот дерматитис
Ксероза, односно сувост на горниот слој на кожата со појава на помалку или повеќе изразено перутање (дескавамација) на кожата. Ова доведува до зголемено губење течности низ епидермот, како и зголемена чувствителност на кожата кон вообичаени агенси од околината (средства за хигиена, хлорирана вода...)
- Црвенило (еритем) предизвикано од воспалителен процес
- Пруритус (јадеж, чешање) што дополнително ја влошу ва воспалителната реакција и го нарушува квалитетот на живеење
- Честа поврзаност со алергиски болести, како што се алергискиот ринитис, астма и алергии на храна.
- Намалена отпорност на бактериски, вирусни и габични колонизации на кожата, поради дисбаланс на имунолошкиот систем.
Болеста се јавува кај возрасни деца, а најчесто почнува многу рано, во првите неколку месеци од животот. Се појавува карактеристичната сувост на кожата и црвенило кое најчесто се локализира на лицето, вратот, лактите, затколената, а може и на целото тело.
Дисбаланс во имунолошкиот систем
Денеска, во услови на општа стерилизација, стравови од бактерии, конзерванси во исхраната, како и претераната упо-треба на антибиотици, постои „колективно“ поместување на имунолошкиот одговор во современото општество, т.е. расте бројот на болести предизвикани од овој дисбаланс. Интересен е податокот дека деца растени во рурална средина многу по малку заболуваат од атописки дерматитис, а докажано е дека урбаните деца кои барем одреден период поминуваат во село имаат помала шанса на заболување од атописки дерматитис. Една од причините можеби лежи во зачестена средба со бактерии во руралните средини кои не секогаш се опасни. Но, дел од таа тајна лежи и во помалата стапка на загаденост во однос на урбаната средина
Последица на исхраната
Навиките во исхраната не се главна причина за атописки дерматитис. Но, бројни научни трудови укажуваат дека алер гиските реакции на храна се еден од факторите кои ја влошуваат состојбата на атопискиот дерматитис. Најчести продукти на кои се јавуваат имунолошки реакции се млеко, јајца, соја, глутен и други протеини од пченица и јачмен, кикиритки и чоколадо. Доколку размислуваме за храната како лек, треба да се внимава на внесот на незаситени есенцијални масни киселини, како и пробиотици во високи дози.
Психосоматска болест
Атопискиот дерматитис се смета дека е поврзан со психосо матска болест. Болеста се влошува како последица на претходен стрес, исто така моментално запирање на чешањето настанува при изненаден шок.
Како се лекува?
Терапијата на атописки дерматитис има за цел контрола на нападите и одржување на влажноста на кожата. Терапискиот приод зависи од тежината на болеста и од отпорноста на кожните промени. Како цели на терапијата, освен подобрувањето на кожата треба да се земе предвид и степенот на намалување на чешањето и подобрувањето на сонот. Терапијата на атописки дерматит вклучува хидратација, соодветна нега на кожата, идентификување и одбегнување на иританси и алергени, контрола на чешањето и употреба на локални системски антиинфламаторни агенси. Потребна е добра едукација на родителите за основите на болеста и нејзиното водење, а при тоа да не се заборави на потребата од елиминација на стресот и анксиозноста како во семејството така и кај детето.
Превенција
Во однос на примарната превенција постојат докази дека терапијата со пробиотици на мајката во текот на бременоста и во првите месеци по раѓањето одложува појава на атописки дерматитис. Секундарната превенција се состои во избегнување и редукција на идентификуваните тригер фактори и добра нега на кожата. Превенцијата се спроведува индивидуално за секој пациент посебно. Треба да се биде внимателен при спроведување диети особено во раната детска возраст. Ако постои сензибилизација на домашен прав се препорачуваат одредени мерки за намалување. Новите сознанија за важноста на интегритетот на кожната бариера и улогата на имуниот одговор го подобрија водењето на пациентите, како и текот и прогнозата на атописки дерматитис. Докторите имаат разни тераписки можности во терапијата на оваа состојба и контрола на егзецербациите, но комплетно излекување е индивидуално и не може да се предвиди.