fbpx

18. недела

Во оваа недела вашето бебе интензивно работи со мускулите и се движи во матката. Ако досега не сте имале можност да ги почувствувате  таквите движења, нема причина за грижа, секоја бременост е различна и не може да се каже со сигурност што точно се случува. Дали веќе почнавте да имате проблеми со спиењето? Од 18.недела ви препорачуваме да спиете на страна. Бебето и матката се доволно големи, па доколку спиете на стомак,  прават притисок на големите вени во стомакот, што може да предизвика забавување на дотокот на крв до срцето и намалување на крвниот притисок.

Важно :
Од 18. до 22. гестациска недела се прави ултразвучен скрининг со кој покрај тоа што се следи растот на плодот, главна задача е детална анализа на анатомијата на фетусот, поединечно неговите органи и исклучување на вродени аномалии на плодот, почнувајќи од најтешките, кои се ризични по животот на плодот, сè до помалите. Се анализира папчаникот, плацентата, нејзината поставеност, но и должината на грлото на матката, кое ни го одредува ризикот за предвремено породување. Доколку постои одредено сомневање за зголемен ризик на плодот за хромозомска болест при ултразвучниот преглед или имате над 35 години или претходно дете со хромозомска болест или фамилијарно постоење на таква болест, вашиот гинеколог може да ви понуди Амниоцентеза.

 Вашето бебе е со големина на благ компир

Просечната должина на бебето изнесува 17-20 цм, а тежи околу 190 грама.

Бебе во 18.недела

Бебето почнува да слуша звуци.Тоа ќе се навикне на звукот на отчукувањата на мајчиното срце и работата на цревата, па по породувањето ќе забележите како новороденчето ќе се смири кога ќе го ставите крај вашето срце.

Ако е девојче, јајцеводите и матката се сместуваат во малата карлица.

Кај момчињата, гениталиите може да се забележат на ултразвук.

Нервниот систем сè поинтензивно се развива. Заштитниот протеин миелин почнува да се создава околу нервите со чија помош се забрзува преносот на импулсите низ нервниот систем.  

Бебето се прозева, голта од амнионската течност, ика

Ги цица прстите

Интензивно се движи во матката – се превртува и клоца

Симптоми што најчесто се присутни оваа недела

Го чувствувате движењето на бебето

Вашиот стомак се зголемува. Како што матката се зголемува, за да овозможи простор за бебето кое расте, така и вашиот стомак се зголемува. Почнувајќи од вториот триместар очекувајте да качувате во тежина околу 1.4 до 1.8 килограми месечно. Можни се тешкотии при спиењето поради големината на стомакот. Најлесно е да се навикнете да спиете на страна.

 Волуменот на вените се зголемува како резултат на зголеменото количество крв.

Проблеми со спиењето.

Советуваме

Подобрете ја еластичноста на кожата со цел да ги превенирате стриите. Најголем дел од жените со овој козметички проблем се сретнуваат за време на бременоста, најчесто во текот на втората половина од бременоста. Кожата многу брзо се проширува - особено во шестиот и седмиот месеци и заедно со зголеменото лачење на хормонот кортизол се најголемите виновници за настанувањето  стрии. Трудниците кои носат близнаци или имаат голем плод имаат поголема веројатност за појава на стрии. Генетиката, исто така, е еден од клучните фактори за нивна појава - ако вашата мајка или сестра имала стрии, веројатно ќе имате и вие.