Како и зошто се јавува машка неплодност
Што е машка неплодност?
Според Светската здравствена организација, инфертилноста се дефинира како неспособност на полово активната двојка да постигне бременост и покрај незаштитениот полов однос во период подолг од 12 месеци. Дефиницијата се базира на проучувањата што го користат нормалното време потребно за да се забремени. Тие студии покажале дека веројатноста за забременување е 20% по циклус или 80%-90% годишно. Дури и кај двојките што не успеваат да постигнат бременост во период од 12 месеци, 55% добиваат пород во следните 36 месеци. Кога траењето на неплодноста надминува 4 години, стапката на зачнување по месец паѓа на 1,5 %. Општо правило е дека, ако бременост не се постигне и по 3 години, тогаш, најверојатно, инфертилноста ќе продолжи и понатаму без примена на медицински третман.
Кои се најчести причини за машка неплодност?
Причинителите за машката инфертилност се бројни. Кај најголем број од нив (50%-60%) причинител е идиопатска олигозооспермиа( намален број на сперматозоиди без да може се утврди причината). Кај 10%-20% причината е примарно оштетување на тестисите (хромозомски нарушувања; микроделеции на Y хромозомот; неспуштени тестиси; зрачење; воспаление на тестисите и некои лекови). Кај 15%-35% од неплодните мажи се открива варикоцела (проширени вени во скротумот), но улогата и придонесот на варикоцелата за неплодноста останува нејасна. Опструкција на семеноводниот тракт ( вродено отсуство на семеноводи; епидидимална опструкција и вазектомиа) е причина за неплодност кај 5% од мажите. Нарушувањата на хипофизата и хипоталамусот (аденома; хипопитуитаризам; идиопатски хипогонадотропен хипогонадизам; хиперпролактинемиа) се сретнуваат кај околу 5% од мажите. Кај помалку од 5% причина е автоимуни антитела против сперматозоидите; разни лекови; токсини и системски болести. Кај помалку од 1% причина е коитално нарушување.
Како се лекува на машката неплодност?
Лекувањето на машката неплодност е тешко и многупати фрустрирачко, како за пациентот така и за лекарот. Лекувањето се потпира на три столба. Првиот е медикаментозен начин на лекување. Тука се користат антибиотици, кортикостероиди, андрогени, антиестрогени, гонадотропини и други помалку специфични лекови. Вториот начин на лекување е хируршки. Најчести операции се варикоцелектомиа; орхидопексиа; вазовазостомиа, вазоепидидимостомиа, аденектмомиа и други. Во последните години голем напредок во лекувањето на најтешките форми на машка неплодност (тешка олизооспермиа или азооспермиа) е постигнат со примена на асистираните репродуктивни техники, како што се IUI-AIH, и техники на вонтелесно оплодување како што е IVF; ICSI и PISCI.