Неплодност
Една од најчестите причини за намалениот наталитет е порастот на стапката на неплодноста. Генерално гледано, неплодноста е во пораст во целиот свет и претставува многу важен проблем на современата хумана репродукција. Неплодноста е интимен проблем на парот кој несомнено делува на нивниот заеднички живот.
Инциденцата на неплодноста во светот е помеѓу 10 и 16%. При тоа кај околу 40% причината е кај мажот, приближно ист дел отпаѓа на жената, а кај околу 20% од случаите репродуктивните проблеми се општи, со нарушувања на нормалната состојба и кај двата партнера. Оптималната плодност кај жената е помеѓу 20 и 25 година. До значително намалување на плодноста, доаѓа после 35, односно 38 година од животот на жената. Кај двата пола репродукцијата манифестно опаѓа над 40 година од животот.
Се смета дека во Р.Македонија инциденцата на инфертилитетот е поголема од 16%, односно дека секој шести пар има проблеми со плодноста.