Денес се смета дека можеме да се сомневаме на неплодност и дека двојката треба да почне со испитувања и лекување, ако покрај редовни полови односи и без употреба на контрацепциски средства не дојде до бременост во периодот од 18 месеци. Кај мажите и жените во позрела возраст испитувањето почнува веќе по шест месеци.
Најчести ризични фактори за неплодност кај жената
Со возраста се намалува како квантитетот така и квалитетот на јајце клетките кои често делуваат на квалитетот на ембрионите. Според статистичките показатели, можноста за забременување од 35-40 години се редуцира до 33%, а по 40 години индексот на фертилноста опаѓа до 87 %. На возраст над 44-години можноста за забременување со помош на ИВФ опаѓа под 2%. Околу 90% од јајце клетките кај жените над 40-годишна возраст генерално се абнормални. Стапката на абортуси на возраст над 40 години е поголема од 33%. Или статистички инциденцата на абнормални бремености кај жените на возраст над 40 години е 1/38. Со возраста исто така се зголемува ризикот од хромозомски/генетски малформации кај потомството, како и стапката на спонтани абортуси.
Зголемената телесна тежина над нормалната е актуелен проблем пред сè во модерните индустријализирани земји, како резултат на новите животни навики и стилови на исхрана и живеење кој покрај бројните надодадени болести делува и на намалување на плодноста кај парот.
Жените кои се склони кон интензивни, ригорозни секојдневни вежби можат да имаат проблеми со овулацијата и менструалниот циклус. Промискуитетот и практицирањето односи без заштита доведува до зачестена појава на сексуално преносливи болести, кои како последица предизвикуваат неплодност. Како најчест пример е инфекцијата со хламидија која може да доведе до воспаление и оштетување на јајцеводите со секундарен инфертилитет.
Хроничната експозиција на пестициди, хербициди, тешки метали и сл. често асоцира со проблеми со инфертилитетот како кај жената така и кај мажот. Исто така, хроничното консумирање на одредени медикаменти може да ја намали фертилноста кај жените (на пример, нестероидните антиинфламаторни лекови како ибупрофен и сл.). Зрачната терапијата и хемотерапијата се генератори на инфертилитет кај жените пред сè преку оштетување на функцијата на јајчниците. Карциномот пред сè на гениталниот тракт или на органите кои се анатомски во близина на гениталниот тракт и неговиот третман (оперативен, со следователна зрачна и хемиотерапија) може да предизвика неплодност.
Медицински состојби кои се поврзани со одложен пубертет и/или отсуство на менструација како што се: шеќерна болест, болести на гатроинтестиналниот тракт, Кушингов синдром, болести на бубрезите и надбубрежната жлезда итн. Исто така, генетските и хромозомските абнормалности најчесто асоцираат со намалена фертилност кај жената.
Пушењето цигари и уживањето во алкохол и дроги сигнификантно го зголемува ризикот од неплодност како кај жените така и кај мажите. Исто така, пушењето цигари го намалува ефектот на третманот на инфертилитетот. Нарушена – недоволна исхрана (анорексија или булимија), како и практицирањето на ригорозни диети може да доведе до проблеми со фертилноста кај жената.
Ако е жената веган, тогаш мора да се осигура дека преку храната што ја консумира има задоволителен внес пред сè на железо, фолна киселина, цинк и витамин B 12, инаку се зголемува можноста за неплодност.