
Поп-пејачката Елена Петреска стана мајка по вторпат. Таа на 2 септември на свет ја донесе малата Софиа. Бебето се роди во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а одговорен за породувањето беше д-р Златко Палчевски.
„Да се биде мајка по вторпат значи огромна радост, но и мал страв. Сега сум во период кога и малку се плашам дали и како ќе се снајдам со две деца. Но, знам дека сè ова е природно за секоја мајка и се надевам дека сè ќе оди како што треба‘‘ – објаснува поп-пејачката Елена Петреска.
Сега знам што ме чека
Со Михаил доживеав поголем шок, не знаев што ме чека бидејќи ми е прво дете. Мислев дека децата легнуваат навечер и спијат цела ноќ. Не бев свесна дека треба цела вечер да станувам и да се грижам за малото бебе, на кое си му потребен постојано. Кога моите пријатели пред породувањето ми велеа наспиј се бидејќи нема спиење по породување, јас им се спротивставував и им велев дека кога можам по цела вечер да пеам и да не спијам, нема да ми е проблем да се грижам и за бебето. Но, не е исто, само што си заспал тоа почнува да плаче, па мораш да станеш да се погрижиш за него. Беше тежок период, но брзо помина и сега е навистина полесно. Сега со Софиа сум свесна што ме чека и сум подготвена.
За време на бременоста се плашев како ќе ја поделам љубовта помеѓу две деца бидејќи се мала разлика, но сега гледам дека сè тоа си оди спонтано. Секој ден сум сè повеќе и повеќе поврзана со Софиа. Сè уште е рано да кажувам за искуствата бидејќи денес си одиме дома. Михаил беше тука, ја виде, се запозна со својата сестричка и многу се израдува, но мислам дека сè уште е многу мал и не е свесен што се случува. Но, сега, кога и бебето ќе дојде дома, ќе сфати дека Софиа е новиот член во нашето семејство.
Колку мајчинството ја промени Елена?
Откако станав мајка станав поорганизирана и поодговорна личност. Ако претходно бев посветена повеќе на себе, сега приоритетите ми се сменија. И сега наоѓам време и за себе. Едноставно кога се сака, сè се може. Во меѓувреме се запишав и на поп пеење на Музичката академија, а работам и во Македонската опера и балет.
Околу домашните обврски и изборот на името
Разликата меѓу Михаил и Софиа е година и осум месеци. Околу работните обврски, ќе ми помага мојот сопруг и жената која е задолжена да го чува Михаил. Андреј е многу посветен татко, но секој слободен момент го користи да го помине со Михаил и да ми помогне околу домашните обврски. Името Софиа беше моја желба. Идејата ми дојде спонтано, сакав да има некаква симболика, а Софиа е божица на мудроста. Името му се допадна и на Андреј.
За искуството во „Аџибадем Систина“
Навистина сум презадоволна од целиот третман кој го добив во „Аџибадем Систина“. Д-р Златко Палчевски беше и на моето прво породување. Инаку, мој доктор во „Аџибадем Систина“ е д-р Митко Ивановски. Минатиот пат ме пораѓаа заедно, но бидејќи д-р Ивановски е на одмор, ме остави во сигурни раце. Сакам да му се заблагодарам на д-р Палчевски, кој е навистина прекрасен доктор и презадоволна сум од неговите посветеност и грижа.
https://acibademsistinababy.spine.mk/bremenost-po-nedeli-mob/34-majkite-raskazaa/561-sofia-koleska#sigFreeId01fc9eb84e
