Високо ризична бременост
Бременоста е најубавиот дел од животот на една жена. Трудницата во овој период треба нормално да живее и да ги извршува своите секојдневни обврски внимавајќи на себе и на плодот што го носи. Но, секоја бременост не е истa, што значи дека кај некои може да се јават компликации кај мајката, бебето или и кај мајката и кај бебeто.
Возраста е една од најчестите ризик фактори
Возраста на мајката е еден од најчестите фактори за појава на високоризична бременост. Во оваа група спаѓаат трудниците кои се под 17-годишна возраст или трудниците над 35 години. Нивното бебе е изложено на поголем ризик од компликации за разлика од жените кои се во доцните тинејџерски години и во раните триесетти. Ризикот од спонтан абортус и генетски компликации се зголемува кај жените кои имаат над 40 години.
Кои состојби можат да доведат до високоризична бременост?
Состојби кои можат да предизвикаат компликации во текот на бременоста се: висок крвен притисок, проблеми со дишење, бубрезите, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, автоимуни болести, сексуално преносливи болести или хроничните инфекции. Сите овие состојби можат да бидат потенцијални ризици за мајката или за фетусот. Фактори со висок ризик, исто така, можат да бидат и историја на абортуси, проблеми со претходната бременост или семејна историја на генетски нарушувања. Доколку имате некоја од овие медицински состојби, пред да се одлучите за бременост неопходна ви е претходна консултација со вашиот гинеколог.
Најчести проблеми кај високоризична бременост
Меѓу најчестите проблеми кои можат да се појават се прекламсија и гестациски дијабетес.
Прекламсија е состојба која се јавува исклучиво во бременоста и резултира со висок крвен притисок, зголемено присуство на протеини во урината и отоци. Доколку не се лекува и следи може да биде фатална за мајката, но и за детето. Сепак, со правилен третман најголем дел од жените кај кои се јавила прекламсија во текот на бременоста донеле на свет здрави бебиња.
Гестацискиот дијабетес е тип на дијабетес кој се развива само во текот на бременоста, но трудниците и покрај оваа состојба можат да имаат здрава бременост. Обично дијабетесот се повлекува по породувањето. Некои трудници имаат зголемен ризик, но дел од трудниците се изложени на зголемен ризик од појава на дијабетес тип 2.
Последици од високоризичната бременост се следниве:
Предвремено породување започнува пред 37. гестациска недела од бременоста. Иако не може точно да се одреди кога жената ќе се породи, сепак, постојат одредени фактори кои влијаат на предвремено породување. Најчесто станува збор за одредени инфекции, скратено грло на матката или претходни бремености со предвремено раѓање.
Бременоста со близнаци претставуваа ризик од предвремено породување, појава на гестациски дијабетес или покачување на крвниот притисок.
Placenta previa е состојба кога плацентата го покрива цервиксот. Може да предизвика крвавење, особено кога жената има контракции. Дополнителен ризик има доколку плацентата не се повлекува и го покрива грлото на матката во текот на целата бременост, па лекарот мора да ја заврши бременоста со царски рез во интерес на мајката и бебето.
Фетални проблеми најчесто можат да се забележат на ултразвук. 2% до 3 % од бебињата имаат поголеми или помали морфолошки и развојни проблеми.