Гестациски дијабетес
Гестациски дијабетес претставува посебен тип дијабетес, кој за првпат се јавува во бременоста. Во бременоста хормоните од плацентата ја блокираат активноста на инсулинот, хормон што се лачи во панкреасот. Улогата на инсулинот е да го поттикнува влегувањето на гликозата во клетките. Со блокирањето на активноста на инсулинот, спречен е влезот на гликозата во клетките, а како последица на тоа нивоата на гликоза во крвта растат. Како што напредува бременоста, плацентата произведува повеќе инсулин блокирачки хормони, што води до раст на нивото на шеќер во крвта на мајката, што може да го наруши растот и нормалниот развој на бебето. Од голема важност е гестацискиот дијабет да се препознае и третира најрано што е можно, за да се минимизира ризикот од компликации кај бебето.
Кои се симптомите на гестациски дијабетес?
Најголемиот број трудници со гестациски дијабет немаат никакви забележливи знаци и симптоми на болеста. Токму затоа кај речиси сите бремени жени треба да се направи скрининг за гестациски дијабет во периодот од 24. до 28. гестациска недела. Мал број жени имаат низок ризик за гестациски дијабет, па затоа не мора да бидат тестирани. Во таа група на жени спаѓаат жени под 25 години, со телесна тежина во здрави рамки, без историја за дијабет во фамилијата, кај кои никогаш немало покачено ниво на шеќер, кои не родиле бебе со поголема родилна тежина и доколку во претходната бременост немале компликации во бременоста што се асоцирани со дијабет.
Дали има некои тестови за гестациски дијабетес?
Гестацискиот дијабет се испитува со лабораториски тест (glucose challenge test), кој се прави во периодот од 24. до 28. недела од бременоста. Сепак, тестот може да биде направен и при првата контрола во бременоста ако трудницата има зголемен ризик за појава на дијабет. Доколку направениот тест рано во бременоста е позитивен, тоа значи дека имате дијабет тип 2 од пред бременоста, што не бил препознаен од претходно. Тестот се изведува во два чекори, најпрво пиете раствор кој содржи 50 грама шеќер. По еден час, шеќерот во вашата крв се мери, а резултатот ќе индицира дали е можно да имате гестациски дијабет или не. Доколку резултатите се над нормалните вредности, потребни се понатамошни тестови за да се потврди дијагнозата.
Колку е чест гестацискиот дијабетес?
Гестациски дијабетес се јавува кај 10 проценти од сите бремености. По породувањето, речиси кај сите жени овој проблем исчезнува и новото на шеќер во крвта се нормализира. Меѓутоа, ако гестациски дијабетес се јавил во една бременост, има голема веројатност дека ќе се повтори во следните бремености. Покрај тоа, студиите покажуваат дека кај 20 до 50 отсто од жените кои имале гестациски дијабетес во рок од 10 години може да им се јави дијабетес тип 2.
Кои се ризик фактори за појава на гестациски дијабетес?
- Ако мајката има над 30 години
- Прекумерна телесна тежина на мајката
- Семејна историја на дијабетес
- Гестациски дијабетес во претходната бременост
- Претходно родено бебе со поголема тежина
-Претходно имала мртвородено бебе
Како гестацискиот дијабетес ќе влијае на бебето?
Ако не се лекува, гестацискиот дијабетес може да доведе до сериозни здравствени проблеми за вас и вашето бебе. Во текот на бременоста може да се јави зголемена количина на амнионска течност, што може да доведе до предвремено породување. Оние мајки кои имаат гестациски дијабет имаат и зголемен ризик за појава на прееклампсија во бременоста. Тие мајки се поподложни на инфекции на бубрезите, мочниот меур и грлото на матката. Кај трудниците со гестациски дијабет зголемена е веројатноста за ненадејна смрт на плодот во последните месеци од бременоста. Зголеменото ниво на гликоза во крвта кај бебето во бременоста води до зголемување на масното ткиво, а тоа до зголемување на тежината на бебето (макросомија). Зголемена тежина на плодот може да доведе до отежнато вагинално породување, а најчесто потребно е породување со царски рез. По породувањето кај бебето може нагло да опадне шеќерот во крвта, а тоа е можно да доведе до компликации ако не се препознае и лекува навреме состојбата.
Кој е најдобар начин за лекување на гестациски дијабетес?
Најважна е добра контрола на гестацискиот дијабетес во текот на бременоста. Контролата е од страна на гинеколог и ендокринолог. Третманот на гестациски дијабетес има за цел да одржи нормално ниво на гликемија во крвта. Третманот секогаш вклучува редовна, избалансирана и добро испланирана диета, редовно вежбање и зголемен внес на течности. Исхраната треба да содржи протеини, комплексни јаглехидрати и масти, избегнување на благо, газирани благи сокови и бели тестенини. Исхраната е од суштинско значење во справување со овој проблем. Најчесто третманот за гестацискиот дијабет всушност е здрава диета и редовно вежбање, но доколку и покрај тоа не се постигне ефективна контрола на нивоата на шеќерот во крвта, потребен е медикаментозен третман по препорака од ендокринолог.
Што можам да направам за да се спречи гестациски дијабетес?
Одржување на здрава тежина пред бременоста, избалансирана и редовна исхрана богата со протеини, избегнување на рафинирана и храна богата со шеќери, како и редовна физичка активност се најважни во превенцијата на гестацискиот дијабет. Доколку се придржувате кон овие правила, може да го намалите ризикот за појава на гестациски дијабетес дури до 70%.