fbpx

Најновите методи во ИВФ

Следејќи ги најсовремените медицински текови, Центарот за асистирана репродукција во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ги има воведено во секојдневната пракса најновите методи, техники и технологии кои помагаат во унапредување на постапката и зголемување на процентот на успешност на светско ниво кај биомедицинското потпомогнато оплодување (БПО):

IVM (ин витро матурација) дава поголема можност за успех кај жените кои се во постапка на БПО во случај на полицистични јајници и кај претходно неуспешни ИВФ обиди. Кај пациентките со оваа дијагноза е многу тешко да се постигне овулација, т.е. потребни се повисоки дози на хормонска стимулација со што често се предизвикуваат низа несакани ефекти и компликации ( најчесто т.н синдром на хиперстимулација...). Со цел да се избегнат несаканите ефекти од хормонската стимулација, кај пациентките со полицистични јајници, без претходна терапија, со пункција се извлекуваат несозреаните јајце клетки од фоликулите. Незрелите јајце клетки потоа се култивираат во посебно контролирани лабораториски услови и медиуми, се обработуваат и созреваат надвор од телото. Откако ќе созреат, понатамошната процедура е идентична како кај стандардната IVF постапка.

PICSI – (Physiological ICSI) методата претставува биолошки поприродна и поефективна форма на оплодување во однос на ICSI. Со PICSI методата, ембриологот е во можност да ги селектира сперматозоидите на ист начин како што е тоа случај во хуманата биологија.

Селекцијата на сперматозоиди за ICSI  се базира на нивните морфолошки карактеристики (изглед) и подвижноста според визуелната опсервација на ембриологот. PICSI е комбинација од селекција на морфолошките и функционални карактеристики на сперматозоидите. Селектираните сперматозоиди со PICSI се зрели, имаат помалку оштетување на DNA  и помалку хромозомски анеуплоидии.  Употребата на сперматозоиди со оваа метода го подобрува квалитетот на добиените ембриони. Методата најчесто се користи кај пациенти со повеќе неуспешни IVF/ICSI обиди (без оплодување на половите клетки),кај случаи со лош квалитет на добиените ембриони или кај повторувачки спонтани абортуси.

LASER ASSISTED HATCHING.  Assited hatching е технологија која помага на ембрионите да се имплантираат во матката на жената. И во природни услови, кај жената не може да се постигне бременост без ембрионите да се ослободат од обвивката наречена Zona pellucida (hatching).  Zona pellucida е обвивка на јајце клетката која овозможува влез само на еден сперматозоид во неа, за да дојде до правилно оплодување. По оплодувањето јајце клетката почнува да се дели, а Zona pellucida ги држи клетките на ембрионот заедно. Во раната делба на ембрионот, за да ги држи клетките заедно обвивката почнува да станува се поцврста - и тоа е природен процес. Меѓутоа во постапката за ИВФ клетките се вадат од природната средина, се изложуваат на надворешни влијанија и сето тоа доведува Zona pellucida да стане поцврста од нормалите процеси.  Исто така жените над 37 годишна возраст или оние со зголемена вредност на нивото на FSH имаат тенденција да продуцираат јајце клетки со подебела и поцврста Zona pellucida. Проблемот со ваквата обвивка е неможноста на ембрионот да се ослободи од неа и потоа да се вгнезди во матката.

Laser assisted hatching е еден од методите кои се употребуваат со цел да им се овозможи на ембрионите добиени со ИВФ да се ослободат од Zona pellucida, и со тоа да се зголемат можностите за имплантација на ембрионите. Покрај ласер, може да се користи и ензимски и механички hatching. Во секој случај наједноставен и најбезбеден начин е со употребата на ласер, бидејќи постапката е многу брза и лесна, со што на ембрионите им се овозможува минимална изложеност на услови надвор од инкубатор. Треба да се напомене дека Laser assisted hatching не спаѓа во рутинските методи на ИВФ за сите пациентки. Поради набројаните причини, Laser assisted hatching се употребува/препорачува кај жените над 37 години, жени со претходно неколку неуспешни ИВФ обиди, во случаи на добивање на ембриони со лош квалитет и со многу фрагментација, како и кај ЕТ со одмрзнати ембриони.