fbpx

Кои се најчестите причини за неплодност кај жената?

Изостанок на овулација – најчесто се регистрира кај жени со потврдени хормонални нарушувања/ дисбаланс, како што е синдромот на полицистични јајчници или кај случаевите со зголемено лачење пролактин - хиперпролактинемија. Други причини се најчесто претерано физичко оптоварување - ригорозно вежбање, нарушена исхрана, повреди или тумори на јајчниците... Ако изостанокот на овулацијата е единствена причина за неплодност кај жената, има голема шанса по елиминирање на примарните причини и по потреба стимулација на оваријалната функција со помош на медикаменти да се постигне овулација и бременост.

Абнормалности на грлото на матката или матката/ утерус. Најчести причини од страна на грлото на матката се хронични инфекции - цервицитис или функционални промени кои пред сè се манифестираат преку намален квалитет на цервикалната слузница. Тоа е најчесто последица на интервенции и оперативни зафати на грлото на матката како што се поопсежни каутеризации, високи/ длабоки конизации или ампутации најчесто како последица на третманите на преканцерозните и канцерозните промени на грлото на матката. Некои атипични положби на матката (ретроверзија) играат улога во неплодноста.

Вродените аномалии на развојот на матката (еднорога матка, дворога матка, вродени прегради на матката и сл. ) сè почесто се потенцираат како причина за инфертилитет кај жената. Исто така, присуството на синехии/израстоци во кавумот на матката како резултат на воспалителни процеси или поагресивни интервенции (на пример абортус) е причина за неплодност. Исто така, треба да се споменат полипите на ендометриум или миомите на матката како причини за инфертилитет. За среќа, сите претходно наброени во најголем број на случаите успешно се решаваат хируршки.

Тубарен фактор на инфертилитет, којшто е најчесто резултат на воспалителни процеси на тубите/јајцеводите, најчесто како резултат на сексуално преносливи болести, ендометриоза и / или атхезии. Многу често тубарниот фактор е последица од абортуси.

Ендометриоза - која се манифестира кога ендометријалното ткиво се имплантира и расте надвор од матката, со најчеста афекција на функцијата на јајчниците (преку создавање на т. н. чоколадни цисти), матката (аденомиоза) и/ или јајцеводите (воспаление, израстоци и нарушена функција). Во зависност од случај до случај, третманот е хируршки, со медикаменти или комбиниран.

Примарна оваријална инсуфициенција или предвремено губење на оваријалната функција (пред 40-годишна возраст). Најчесто причините се непознати, а состојби кои асоцираат со предвремената менопауза се фамилијарната генеза, болести на имунолошкиот систем, радијација или хемотерапија, стрес, цигари, дроги итн.

Како идиопатски стерилитет (неплодност) се означува оној облик на неплодност за кој не може да се најдат / откријат реални причини. Според податоците од литературата, идиопатската неплодност се јавува кај 10-15% од двојките. Кај ваквиот тип неплодност испитувањата на анатомската градба и функционалните тестови не покажуваат отстапување ниту кај мажот, ниту кај жената (нормален спермограм и посткоитален тест, отсуство на антиспермални антитела, нормална матка и јајцеводи, нормална функција на јајчниците проценета преку мерење на базалната температура, одредување на нивото на хормоните во серумот, отсуство на инфекции...). Според статистичките показатели, двојките со идиопатски стерилитет имаат 40-89 % шанси за забременување во тригодишен период. Возраста на жената и подолгиот период на неплодност се факторите кои ги намалуваат шансите за спонтана бременост кај овие двојки.

За среќа, најголем број од опишаните причини за неплодност можат да се лекуваат (хируршки или со медикаменти) и со примена на модерните асистирани репродуктивни технологии  да се дојде до посакувана бременост.